Пламен Павлов, долгогодишен професор по средновековна историја на Византија и на балканските држави при универзитетот во Велико Трново, му се придружи на хорот бугарски „учени“ што од петни жили настојуваат да ја уверат јавноста дека наводните коски на Цар Самоил што ги доби Бугарија од Грција се навистина неговите, истовремено исмевајќи ги македонските археолози што изразија сомнеж во тоа.
„Ископувањата на островот Свети Ахил воопшто не се доволни. Околу базиликата има остатоци од згради. Таму, со систематските археолошки бугарско-грчки ископувања, за кои апелирам со години, веројатно ќе излезат натписи и монети. А зошто да не учествуваат и археолози од Северна Македонија – тие конечно мора да ја прифатат историската вистина дека зборуваме за бугарски цар и за бугарска држава. Грција покажа зрелост со враќањето на овие реликвии – јас така ги нарекувам без двоумење. Самоил е олицетворение на државата Бугарија, а не на Република Северна Македонија, која постои неколку децении“, изјави Павлов во интервју за бугарскиот весник „Труд“.
„Што се однесува до реакцијата на колегите од Скопје, таа е во голема мера комична, бидејќи до пред неколку дена тие немаа сомнение дека Цар Самоил е погребан во базиликата Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро, но сега кога коските се во Софија, нема шанси тоа да е тој! Тоа е за жалење и нека им тежи на сопствената совест“, додаде тој.