Слави Трифонов, лидер на бугарската партија Има таков народ, се надмина себеси во плукањето по Македонија и Македонците по објавената меѓународна потерница за бегалката Ива Михаилова од македонското Министерство за внатрешни работи.
„Северна Македонија објави меѓународна потерница за Ива Михаилова, сака да ја врати во Северна Македонија, да ја уапси и да ја затвори најмалку 30 дена.
Сега, токму луѓето што не ги почитуваат нивните договори, кои не ги почитуваат договорите што ги потпишаа со Бугарија, не го почитуваат „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија“ од 2017 година, не го почитуваат францускиот предлог на ЕУ, не ги почитуваат нивните договори со самата ЕУ – тие луѓе да зборуваат за меѓународно право е едноставно смешно и жално.
Да бидам искрен, навистина ми се повраќа од овие патетични искомплексирани луѓе, кои се крадци на бугарската историја и кои го формираат целото свое скапано самочувство врз основа на нивната омраза кон нас. За прв пат ќе си дозволам да им кажам нешто на Македонците, кои всушност се Северномакедонци:
Знам дека стигнувам до вашите уши и очи и оти дека ќе чуете и видите што сум напишал. Ние сме Бугари!
Имаме над 1300 години историја!
Отсекогаш сме се викале Бугарија! И сите народи знаат дека сме Бугари, како се вика нашата земја и каква е нашата историја, бидејќи ние сме една од најстарите земји во светот! И колку и да не ви се допаѓа, што и да зборувате, што и да измислувате, колку и да плукате омраза и негодување, како и да се нарекувате себеси – вие сте Бугари. Отсекогаш сте биле и секогаш ќе бидете. А конкретно вие во Северна Македонија, каде што ме слушате или ме читате токму сега, порано или подоцна, ќе клекнете и ќе се претопите.
А сега дозволете ми да ви кажам нешто како Бугарин.
Ние, Бугарите, не предаваме!
Колку и да ја критикувам државата токму сега, не верувам дека постои државен службеник кој е во состојба да ве предаде Вас, Ива Михаилова! Бидејќи, мои драги Северномакедонци, ние, кои сме Бугари, прво сме Бугари, а потоа сме сè друго.
Затоа, ставете го тоа во главата. Ива Михаилова ќе остане во Бугарија и ќе се лекува во ‘Пирогов’.
А вие… вие можете само да читате како Ива Михаилова закрепнува и како живее слободно во својата татковина!“, порача преку Фејсбук лидерот на партијата со 18 пратеници во бугарското Собрание, која пред пет години победи на парламентарните избори кај источниот македонски сосед.