ВМРО-БНД на бившиот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, побара „бескомпромисност“ од државниот врв против Македонија и нејзиниот пат кон Европската унија поради потерницата по Ива Михаилова.
„ВМРО инсистира на итна и бескомпромисна акција од страна на Владата, Претседателот и Министерството за надворешни работи, како што е апсолутно отфрлање на какви било македонски барања за екстрадиција или судска соработка во врска со Ива Михаилова. Нашата држава е должна да обезбеди целосна дипломатска, правна и медицинска заштита на своите граѓани“, се вели во реакцијата на партијата.
„ВМРО, исто така, инсистира за итно и целосно замрзнување на каков било дијалог за европската интеграција на Северна Македонија. Нема преговори, нема укинување на ветото под никаков притисок, додека Скопје не стави крај на својот физички, административен и судски терор врз македонските Бугари“, се додава во соопштението.
„Времето за компромиси заврши! Заштитата на животот и достоинството на секој Бугарин е прашање на национален суверенитет! Скопје нема да добие европска иднина на грбот на нашите прогонувани сонародници!“, порачува на крајот бугарското ВМРО.