Костадин Костадинов и С.Р. во 2022 година ја злоупотребиле својата службена положба така што овозможиле на правно лице да легализира бесправно изграден објект на парцела во с.Куклиш. Имено, легализацијата е извршена така што од страна на С.Р. било побарано од Ј.П. да изготви елаборат за бришење на објекти на катастарска парцела во Куклиш и таквиот елаборат да го искористат за бришење на објекти кои биле во сопственост на Општина Струмица, со цел катастарската парцела да добие чист имотен лист.
Од страна на Ј.П. е изготвен елаборат и технички извештај со невистинита содржина дека на лице место не постојат објекти и како такви се употребени при процесот за бришење на објекти кои биле во сопственост на Општина Струмица, а изградени на катастарската парцела во сопственост на Р Македонија. Со овие дејствија, пријавените му овозможиле на Т.Ј. од с. Куклиш да се стекне со противправна имотна корист, со тоа што од страна на првопријавениот е издадено решение за легализација на бесправно изграден објект, со кое му се легализирале зграда со намена (стовариште) во приземје ниво 1 со внатрешна површина на деловен простор од 161 м2 на катастарската парцела и со таквата постапка исто така му овозможиле да изврши откуп на земјиштето под зграда, да изврши отуѓување на земјиште со површина од 866,46 м2 во сопственост на Р Македонија и да се запишат на негово име со право на сопственост.
Од страна на првопријавениот и второпријавената не биле земени во предвид околностите дека во претходниот период имало водена постапка против Т.Ј. и во 2016 година е донесена пресуда од Виш управен суд, со која се одбива жалбата на Т.Ј. односно му се одбива барањето за легализација на бесправен објект, со образложение дека објектот е на парцела на која право на сопственост на објект има Општина Струмица.
И во 2019 година е донесена пресуда од Виш управен суд, со која се потврдува дека Т.Ј. има изградено објект без соодветно одобрение за градење. Врз основа на вака констатирана состојба од страна на овластен градежен инспектор при Општина Струмица на Т.Ј. му е издадено решение со кое му наредил да ја отстрани градбата, а спротивно на сето тоа пријавените овозможиле корист на Т.Ј., а штета на Општина Струмица и Р Македонија.