Лидерите на Европската унија на самитот во Брисел ја повторија својата поддршка за проширувањето, но на барање на Хрватска рокот за завршување на пристапните преговори со Црна Гора до крајот на годината беше отстранет од заклучоците – сè додека не се решат споровите со Подгорица.
„На наша иницијатива, ги променивме заклучоците и им испративме реалистична порака на нашите колеги во Црна Гора – да се обврзат на разговори со Хрватска. Сакаме да решиме неколку отворени прашања за кои веруваме дека се решливи“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Загреб ѝ постави на Подгорица осум услови за финализирање на евроинтеграцијата, меѓу кои компензација за хрватските државјани кои биле затворени во логорот Морињ меѓу октомври 1991 и август 1992, по окупацијата на дел од регионот на Дубровник од страна на српските и црногорските сили, зачувување и трајно поставување на спомен-плоча во овој поранешен логор и преименување на базенот во Котор посветен на Зоран Гопчевиќ, поранешен ватерполист, кој бил чувар во Морињ во 1991 и 1992 година, како и гонење за воените злосторства извршени за време на војната во Хрватска и дополнителни разговори за разграничување меѓу двете земји.