Свет

Седуммина загинати во пожар во канадска воена база

За време на воена вежба со боева муниција бил погоден гасовод или гасна бушотина во базата, што предизвикало експлозија

Голем пожар избувна во воена база во канадската провинција Алберта, при што загинаа најмалку седум лица, а десетици се повредени, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на свои извори.

Пожарот избувна во саботата во зона за обука во базата на Канадските вооружени сили „Вејнрајт“ (CFB Wainwright), која се наоѓа на околу 200 километри југоисточно од Едмонтон.

Канадскиот министер за одбрана, Дејвид Мекгинти, потврди дека има загинати и повредени, но не соопшти точни бројки, ниту пак објасни што го предизвикало пожарот.

„Не се сеќавам на ваков инцидент во поново време“, изјави Мекгинти за новинарите. „Ова е многу, многу активна и деликатна ситуација.“

Пратеникот од Алберта, Дејн Лојд, изјави дека слушнал информации за „голем број жртви“ по експлозија и пожар во базата.

Според повеќе извори од Канадските вооружени сили, на кои се повикува „Глобал њуз“ (Global News), за време на воена вежба со боева муниција бил погоден гасовод или гасна бушотина во базата, што предизвикало експлозија.

Најнови вести од: Свет

To top