Претставниците на студентите соопштија дека го прифаќаат новиот модел за студентски оброк предложен од Владата и од Министерството за образование и наука.
„Сведоци сме дека веќе неколку денови во јавноста се води широка дебата за мерката субвенциониран студентски оброк. Како студенти извршивме широки консултации внатре во нашите организациски облици. На таа средба премиерот и министерката за образование понудија пакет решение за мерката субвенциониран студентски оброк. Сакаме да соопштиме дека за нас понудата од Владата и МОН за новопонудениот модел за студентски оброк е прифатлива“, се вели во соопштението.
За студентите е прифатлива понудата вкупните средства на месечно ниво да се покачат од 3.500 денари на 4.500, јавно да биде објавен списокот на оператори и маркети каде што ќе можат да ги користат средствата и попустите да важат до крајот на месецот, без разлика дали студентот ја потрошил сумата од 4.500 денари.
Студентите имаат и два услова.
„Овие услови да бидат внесени во законот за субвенциониран студентски оброк, а листата на компаниите и мерките да биде јавно објавена пред стапување на сила на овој закон. Овој модел го прифаќаме по консултациите со студентите во нашите организациски ентитети“, соопштија претставниците на студентите.