Имајќи ги предвид јавно достапните информации за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, со истовремено донесување на одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка над оваа банка, а во насока на заштита на билансот на „АЛТА банка“ АД Битола и на интересите на нејзините доверители, Извршниот одбор на Народната банка на Македонија на седницата одржана 1 на ноември 2026 година, донесе Решение со коешто се воведува администрација во „АЛТА банка“ АД Битола. Решението е веќе во сила. Оваа мерка е од времен карактер и се воведува исклучиво заради случувањата со акционерот со квалификувано учество „Алта банка“ АД Белград. „АЛТА банка“ АД Битола е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.
Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на Банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, а во рамки на дадените овластувања од Извршниот одбор на Народната банка на Македонија. Со цел заштита на имотот на Банката, во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања од сметките на клиентите на Банката.
Во интерес на граѓаните, а со цел извршувања на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, којшто може да се користи со картичките издадени од Банката. Сите интерни плаќања помеѓу сметките на клиентите (правни и физички лица) во рамки на Банката остануваат овозможени во неограничен износ.
Би сакале уште еднаш да нагласиме дека овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите на Банката. Во оваа смисла, нагласуваме дека како и досега кредитокорисниците треба да продолжат навремено да ги исполнуваат своите обврски кон Банката.
Народна Банка на Република Северна Македонија како и досега, ќе продолжи да ја следи состојбата во Банката и ќе презема активности во рамки на своите законски надлежности.
Во периодот на привремената администрација, Народната банка појаснува дека:
- „АЛТА банка“ АД Битола работи и продолжува да им ги обезбедува услугите на своите клиенти. Мерките преземени во однос на „Алта банка“ АД Белград не значат одземање на дозволата за работа на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту отворање стечајна постапка.
- Банката е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио, а нејзиното работење е предмет на непосреден супервизорски надзор од страна на Народната банка.
- Воведувањето администрација е времена мерка со која управувањето со имотот и работењето на Банката привремено се врши преку лица именувани од Народната банка. Целта е да се зачува стабилноста на Банката и да се заштитат средствата и интересите на нејзините клиенти до промената на сопственичката структура.
- Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремено е ограничена само динамиката на одливот на средства, со цел да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста, што би можело да влијае врз интересите на сите штедачи.
- За физичките лица е определен неделен лимит за одлив од сметките во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од Банката за готовински подигања и плаќања кај трговци. Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон сметките на други физички и правни лица, во рамките на Банката остануваат овозможени во неограничен износ.
- Правните лица ќе може да извршуваат само внатрешни плаќања од своите сметки кон сметките на други правни и физички лица, во рамките на Банката во неограничен износ. Правните лица нема да можат да изнесуваат средства надвор од Банката преку платните системи во земјата, а ниту пак преку повлекување готовина од банкомати или шалтери на Банката.
- Приливните плаќања од странство преку СЕПА и коресподентно банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство нема да бидат достапни привремено за физичките и правните лица.
- Кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат своите обврски кон Банката.
- Штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30.000 евра, согласно законските правила.
Народната банка континуирано ја следи состојбата во Банката и ќе ги преиспитува воведените ограничувања во согласност со развојот на состојбата. За сите промени јавноста ќе биде навремено информирана преку официјалните канали на Народната банка.
Народната банка ги повикува граѓаните и клиентите на Банката да не носат одлуки врз основа на непроверени информации, туку да се информираат исклучиво од официјалните извори. Непотребното и масовно повлекување на средства не е во интерес на штедачите, поради што е особено важно да се избегнуваат постапки предизвикани од неточни или непотврдени информации.