Од 15 ноември до 15 март важи периодот на задолжително носење зимска опрема за сите возила што учествуваат во сообраќајот на патиштата. Обврската е утврдена со Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило, како и на тракторите (Службен весник бр. 31 од 2010 година).
За моторните возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, зимска опрема се сметаат зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри.
Алтернативно, дозволени се и пневматици со летен профил со иста минимална длабочина, доколку возилото има синџири за снег соодветни на погонските тркала или други адекватни помагала.
За возилата со погон на сите четири тркала (4×4) барањата се построги: зимските пневматици мора да имаат минимална длабочина од шест милиметри. Ако се користат летни гуми, потребни се синџири – најмалку на задната осовина кај постојан погон, односно на постојано вклучената осовина кај преклоплив погон.
Кај возилата потешки од 3.500 килограми, зимски пневматици со најмалку шест милиметри длабочина се бараат на погонските тркала.
Алтернатива се летни гуми со минимум четири милиметри плус синџири. Автобусите и товарните возила што од технички причини не можат да постават синџири мора да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
За зимски пневматици се сметаат само оние што на бочната страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „M & S“ или знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Поставувањето пневматици со клинци е строго забрането.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните навреме да се подготват и да ја почитуваат законската обврска, со што ќе се овозможи побезбедно и понепречено одвивање на сообраќајот во зимски услови.