Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, го повтори цврстиот став на својата партија дека уставни измени за впишување Бугари во македонскиот устав доаѓаат предвид само ако Бугарија ги почитува правата на македонското малцинство.
„Ставот на ЗНАМ е јасен. Предлогот за одложено дејство на уставните амандмани е на маса, но не може Македонија постојано да прави отстапки, а од другата страна да нема ниту еден чекор кон почитување на правата на Македонците. Постојат пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Нека испочитуваат барем една од нив. Доста е Македонија да биде единствената страна од која постојано се бара да попушта. Ако сакаме да одиме напред, мора да има реципроцитет!“, изјави Димитриевски во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Градоначалникот на Куманово со непроменета позиција и во однос на полагањето правосуден испит исклучиво на македонски јазик.
„Премиерот апсолутно го знае нашиот став. Подготвени сме за разговори, но ќе побарам лидерска средба со владините партнери за отворено да ги дефинираме црвените линии. Ова не е прашање за дневнополитичко надмудрување, туку прашање за иднината на државата и правосудниот систем. За ЗНАМ тука нема простор за импровизации и политички пазарења. Правосудниот испит ќе се полага само на македонски јазик“, категоричен е Димитриевски.