Бизнис

УЈП за 2020 утврдила дека 6.600 граѓани оствариле приходи од странство без да платат данок – ги упати на суд

На граѓаните кои сметаат дека се оштетени, директорката Петрова им порача правдата да ја бараат по судски пат. Таа нагласи дека УЈП ниту може, ниту сака да ги спречи граѓаните кои располагаат со докази да поведат управен спор, бидејќи тоа е нивно законско право. Воедно, таа додаде дека доколку данокот е веќе платен во странство, со доставување соодветна потврда може да се избегне двојно оданочување.

Државната каса е побогата за околу три милиони евра, но незадоволството кај дел од граѓаните расте. Управата за јавни приходи за 2020 година утврдила дека 6.600 граѓани оствариле приходи од странство без да платат данок. Додека директорката на УЈП, Елена Петрова, уверува дека законот е јасен и еднаков за сите, поранешните работници ангажирани во Ирак и Авганистан повторно излегоа на протести, тврдејќи дека државата неправедно ги оданочува.

Според податоците на УЈП, под лупа биле ставени над 11.000 граѓани. Од нив, 6.600 биле оданочени, а само 2.200 доброволно поднеле пресметки. За останатите 4.400 граѓани, УЈП донела решенија по службена должност, таканаречени ex officio решенија. Финансискиот ефект од овие постапки изнесува околу 186 милиони денари, односно приближно три милиони евра, само за 2020 година. Петрова појасни дека кај овие лица е утврдено дека оствариле приходи кои подлежат на оданочување, додека кај другите од првичната бројка било утврдено дека приливите не се предмет на данок.

Додека УЈП ги испраќа решенијата со цел да не настапи застарување, поранешните работници од мисиите во Ирак и Авганистан повторно протестираа во Куманово. Тие тврдат дека со години не живеат во Македонија и дека не треба да бидат третирани како даночни резиденти.

Нивниот главен аргумент е правилото за 183 дена, според кое лице што поголемиот дел од годината го поминува надвор од земјата не треба да се смета за даночен резидент. Протестантите бараат институциите да ги признаат печатите во пасошите и потврдите од странските работодавачи како валиден доказ за престој надвор од државата.

Од друга страна, УЈП има пошироко толкување на законот. Освен бројот на денови поминати во странство, се утврдува и таканаречениот „центар на виталните интереси“. Доколку семејството на лицето живее во Македонија и доколку економските врски се во земјава, УЈП го третира лицето како даночен резидент кој има обврска да плати данок за својот светски доход.

На граѓаните кои сметаат дека се оштетени, директорката Петрова им порача правдата да ја бараат по судски пат. Таа нагласи дека УЈП ниту може, ниту сака да ги спречи граѓаните кои располагаат со докази да поведат управен спор, бидејќи тоа е нивно законско право. Воедно, таа додаде дека доколку данокот е веќе платен во странство, со доставување соодветна потврда може да се избегне двојно оданочување.

УЈП во меѓувреме појасни и што точно се оданочува, а што не. Под даночна обврска спаѓаат платите од странство, авторските хонорари, фриленс услугите, приходите од кирии, дивидендите, капиталните добивки и приходите од криптовалути. Како приход што не се оданочува се наведуваат подароците, помошта од семејството и личните парични трансфери преку системи за брз трансфер на пари, доколку тие не претставуваат надомест за извршена работа.

И додека институциите инсистираат на доследна примена на законот, засегнатите граѓани најавуваат продолжување на протестите и правна борба за, како што велат, правично толкување на статусот на даночен резидент.

Најнови вести од: Бизнис

Геополитичкиот ризик ја турка нагоре цената на нафтата – блокадата на Ормускиот тесенец сеуште трае

Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари продолжија да растат и надминаа 111 долари за барел, при што инвеститорите остануваат скептични дека САД и Иран наскоро би можеле да го решат конфликтот преку преговори.

Какви мерки предлагаат експертите во однос на енергетска криза?!

Зголемувањето на инфлацијата е неизбежно, со оглед на тоа дека кризата на Блиски Исток има трипати поголем потенцијал од онаа која произлезе од војната во Украина – оценка на економските експерти. Советуваат подобра координација на фискалната и монетарната политика, зголемување на каматната стапка при заострување на состојбата, поддршка на ранливите категории граѓани и на бизнисот за одржување на ликвидноста.

Се враќаат парите од солидарниот данок – дел сега, дел в година

Министерството за финансии започна со исплата на средствата кон компаниите во текот на 2023 година ги уплатија во Буџетот по основ на Законот за данок на солидарност. Досега преку Трезорот на Министерството за финансии се реализирани налози во вкупен износ од 990 милиони денари. Вкупниот износ којшто компаниите го уплатија во 2023 година во Буџетот […]

Најнови вести

To top