Колумни

Членство на Република Македонија во „Вишеградската група“ на ЕУ-држави, заради одбрана на македонската вистина, идентитет, јазик и историја (2)

Европски експерти и аналитичари сугерираат дека на Македонија ѝ е потребно стапување во суверенистички сојузи и партнерства, макар и неформални да бидат во почетокот , заради одбрана на македонската вистина, идентитет, јазик и историја. Конкретно, потребно е поврзување со Вишеградската група (В 4) на држави (Полска, Чешка, Словачка, Унгарија), кои со децении го усовршуваат моделот на заштита на националните идентитетски специфики наспроти политиките на Брисел. Деновиве унгарскиот премиер Петер Маѓар им упати директен повик на државите од Западниот Балкан, кои не се сѐ уште членки на ЕУ, што значи и на Македонија, да влезат во Вишеградската група! Практично, Петер Маѓар самиот ѝ ја отвора вратата и на Македонија во „Вишеградската група“! Поврзувањето со оваа влијателна групација на земји-членки на ЕУ, ѝ нуди на Македонија значајна лоби-платформа, која има значаен потенцијал да ги брани многу посилно и многу поконкретно својата македонска вистина, својот идентитет, јазик и историја. Зашто, кој може да даде гаранции дека „бугарскиот волк нема да го изеде македонското јагне“, ако би влегол во „бачилото“ – уставот“?!

Пишува: Свето Тоевски

Ако би се реализирала визијата на Маѓар, која има уште поширок територијален опсег, тогаш  би се создал своевиден „централноевропски блок“, кој би ги поврзал Балтикот, Централна Европа, Дунавскиот регион и Јадранот. Во таков формат би биле застапени повеќе од десет држави со значителна тежина во Советот на ЕУ и Европскиот парламент. Затоа некои аналитичари зборуваат за можност да се создаде нова „централноевропска оска“ во рамките на ЕУ. Таа би можела да претставува, условно кажано, и своевидна „македонска оска“ во рамки на ЕУ, ако македонското државно-политичко раководство и конкретно ѝ се приклучи на „Вишеградската група“ било како партнер, било како формална членка, а потоа со максимално засилени активности и во неа и во „централноевропската оска“, заради лобирање за македонската евроинтеграција и македонската вистина наспроти сите идентитетско-историски фалсификати и барања на Софија за менување на македонскиот устав.

Токму „Вишеградските држави“, заедно со Хрватска, Словенија и Романија, би можеле да станат едни од најсилните поддржувачи на македонската европска интеграција, да станат „чеканот“ во рацете на Македонија, со кој би можеле постапно да се „столчат“ бугарските уцени, условувања, вета и блокади. Но не само, софиските, туку и бриселските! Исто така, Македонија треба проактивно да воспостави „неформална коалиција“ и со суверенистичките струења во Париз, Берлин и Рим, напоредно задржувајќи ги и развивајќи ги политиките на соработка и со тамошните влади и владејачки коалиции, иако тие во рамки на ЕУ и натаму се на страната на Бугарија…

Кој може да даде гаранции дека „бугарскиот волк нема да го изеде македонското јагне“, ако би влегол во „бачилото“ – уставот“?!

Новиот бран на европскиот суверенизам (како десничарските и конзервативните групации во Европскиот парламент) отворено се залага за концепт на „Европа на суверени нации“, каде што секоја држава има апсолутно право на свое национално самоопределување и на свој идентитет – факти од клучно значење за Македонија. Затоа, наместо инфериорно коленичење и молење во Брисел и Софија за „гаранции дека бугарскиот волк нема да го изеде македонското јагне“ околу барањето „Бугари во Устав“, Македонија треба конечно да изврши своевиден „стратегиски маневар“ и „тивко“ да фати приклучок кон „Новата суверенистичка Европа“, која е во подем. Македонија може да најде значителни, или можеби и силни сојузници во структурите и елитите на суверенистичка Европа, кои веќе виреат и сѐ посилно тропаат на портите на владите и парламентите во Германија, Франција и Италија.

Треба да се остваруваат во почетокот неформални, но и сепак содржински контакти и лобирања кај италијанската партија „Лига“ и нејзиниот лидер Матео Салвини, сегашен и италијански вицепремиер и министер за инфраструктура, такви контакти и лобирања кај сега веќе водечката германска партија Алтернатива за Германија и двата нејзини лидера Алис Вајдел и Тино Хрупала, но и кај француската партија Национално собирање на Франција и двата лидера Жордан Бардела и Марин Лепен, од кои Бардела има сѐ поголеми шанси  да стане идниот претседател на Франција на претседателските избори во 2027 година…

Преку овие дипломатски контакти и лобирања официјално Скопје може да постигне значително, или можеби и соодветно големо меѓународно разбирање и поддршка  и во јавноста и на политичката сцена во тие три клучни европски метрополи за аргументот дека Бугарија со поддршка на Брисел ја принудува Македонија да изврши нов уставно-идентитетски „инженеринг“ спротивно на врховниот принцип на меѓународното право јус когенс, во чија срцевина е недозволивоста да се гиба во било чиј национален идентитет. Реформите мора да продолжат во Македонија, бидејќи тие се „јазикот“, на кој Брисел комуницира. Но, паралелното дипломатско поврзување со суверенистичките иницијативи во ЕУ е единствениот начин да се спречи евроинтеграцијата на Македонија да се претвори во нејзина нова идентитетска и историска капитулација. Заштитата на идентитетот, историјата, јазикот и суверенитетот во случајот на Македонија се бранат преку политички сојузи со оние сили, политичари и политички елити во Европа, кои веруваат во националната држава како врховен суверен и во правото на европските народи на сопствен идентитет, јазик и историја.

(продолжува)

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои не одразуваат ставови на ниедна партија во Република Македонија, ниту на редакцијата на порталот „Експрес“)

(„Нова Македонија“

 

Најнови вести од: Колумни

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Делото на Видоески наспрема „Бугарскиот договор“: дали е време во 2026 Македонија да постапи како Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949?! (2)

Грандиозното научно дело на дијалектологот Божидар Видоески не само што ги урива сегашните бугарско-грчки фалсификати и оспорувања на македонскиот јазично-идентитетски комплекс, туку и отвора сериозен простор за дилема: дали нема, или можеби и има право Република Македонија, согласно и со меѓународното право и неговиот врховен принцип „јус когенс“ да постапи денес со „Бугарскиот договор“ еднакво како што постапи Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949 година – како Бугарија согласно со нејзините „бугарски државни и национални интереси’, така и Македонија согласно со своите државно-национални интереси?! Зашто, великанот на македонската дијалектологија аргументирано докажа дека македонскиот јазик е столб на македонскиот идентитет и сиот свој живот го бранеше тој идентитетски столб, кој е денес загрозен со бугарските евроинтеграциски уцени и ултиматуми.

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на македонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за историјата на Античка Македонија со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. На 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

To top