Колумни

Технологијата ќе го убие фудбалот – Пишува Роберт Димитриевски

Возбудувањата треба да ги креираат актерите на теренот, а не луѓето во ВАР-собата, како на мечот меѓу Португалија и Хрватска

Офсајд било зошто ВАР-собата добила звучен сигнал од чипот во топката дека по нафрлувањето во противничкиот шеснаесетник од Перишиќ таа ја „цивнала“ косата на Матановиќ пред да стигне, преку очигледното одбивање од главата на Веинга, до Пашалиќ, од него до Гвардиол, за тој на крајот да ја смести во мрежата на Португалија?! И тоа во финишот од судиското надополнување на времето за 2:2 на дуелот во Торонто од 1/16-финалето на Светското фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада! И наместо продолженија, ВАР по четврти пат (!) стапува на сцена и го поништува голот на „коцкестите“, совладувајќи ги со 4:1 во одлуките, од кои три непризнати погодоци на Хрватите, плус еден досуден пенал за Португалија по реакција токму од луѓето во собата со телевизорите и еден поништен гол на Роналдо!

Ма, немој да ме ј…ш бре, што би рекол легендарниот Кили. Што е многу, многу е. Наместо да се зборува за драмата на теренот, за доминацијата на Португалците во првото полувреме и на Хрватите во второто, за „гинењето“ на „дедо“ Модриќ на тревникот цели 119 минути, за погодената пречка од Леао и на дирекот од Ковачиќ, за бравурозните интервенции на Кошта, денеска сите зборуваат за ВАР. И за комичното признание за најдобар играч на мечот за Роналдо, кој покрај реализираниот пенал имал 25 контакти со топката, од кои 24 повратни додавања до соиграчите и „дури“ една пипната топка во шеснаесетникот и цел еден дуел?!

Но, Кристијано не е тема на муабетот (а можеби треба да биде), туку субјективноста во проценките што директно влијаат врз резултатот на меч што се игра еднаш во најмалку четири години, колку што е паузата меѓу два мундијала. Што ако Матановиќ беше ќелав, дали и тогаш ќе беше поништен голот за продолженија на тимот на Далиќ? Колку интензитет имаше во влечењето од Влашиќ врз Веинга што судијата Еспен Ескас од Норвешка не го констатира пред ВАР да му сугерира?

ФИФА ја воведе видео асистенцијата на судиите, позната како ВАР, за да се отстранат сите дилеми околу регуларноста на одредени ситуации. Намерата безбели не била за, под плаштот на регуларноста, одново човечкиот фактор со субјективна (пр)оценка да пресуди. Арно ама, на тековното СП се случува токму тоа. Како на пример да се протолкува „слепилото“ и на ВАР, и на судијката Пенсо од САД, кои на мечот меѓу Германија и Еквадор од групната фаза „не ги видоа“ високо кренатата нога од Павловиќ и ударот со копачката во главата на Вите непосредно пред топката да стигне до стрелецот на голот Зане?

Аман веќе и со непризнавањето голови поради недозволена позиција во која се нашло нечие рамо, колк или машкост пред најблискиот противнички играч. Фудбалот се вика така поради удирањето на топката со стапало, па по секоја логика би требало да се гледа дали е најистурено нечие стапало, а не да се вади шублер за во нанометри да се пресмета дали некој бил во офсајд или не.

Како што тргнало, најважната споредна работа на светот сè повеќе прераснува во видеоигра и во правничко толкување на правила и регулативи. (Пре)честите прекини од по неколку минути заради прегледување видео снимка не само што ја „сецкаат“ играта и му помагаат да здивне на тој што се брани, наместо да го фаворизираат тој што напаѓа, туку и внесуваат дополнителна нервоза и го одвлекуваат вниманието од примарната цел – да се надигра ривалот на теренот.

Основната идеја на најпопуларниот спорт на планетата мора да биде да се даде гол повеќе од противникот, а не до бесвест да се проверуваат спорни ситуации што никој жив ни на теренот ни на трибините не ги забележал во прв момент. Уште погротескно, а всушност трагично, е кога ќе се прекине играта неколку минути по наводната спорна ситуација, откога во меѓувреме ќе падне и гол.

Модриќ е во право кога вели дека ВАР треба да реагира само кога ситуацијата е 200 проценти јасна, а не и кога слученото е во т.н. сива зона, кога може да се толкува и вака, и така. Уште повеќе во право е Венгер со предлогот офсајд да се суди само ако фудбалерот што напаѓа со сите делови од своето тело е пред последниот играч во одбраната на противникот. А не како сега, да се проценува дали одбранбениот играч што ја закачил топката пред таа да стигне до тој што напаѓа во недозволена положба имал намера да ја удри или не, за да се активира правилото за „ресет“ и да не се суди офсајд?! Кој може, на пример, да влезе во мислите на Веинга и да пресуди дали тој (не)намерно ја проследи топката со глава до Пашалиќ, под претпоставка Матановиќ да не ја чепнал претходно?

Возбудувањата треба да ги креираат актерите на теренот, а не луѓето во ВАР-собата. Никој не плаќа солени суми за влезници за по натпреварот да зборува за нив, туку за мајсториите на фудбалерите, за тренерските тактики и стратегии или за дуелите меѓу навивачите на трибините.

 

 

Најнови вести од: Колумни

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Делото на Видоески наспрема „Бугарскиот договор“: дали е време во 2026 Македонија да постапи како Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949?! (2)

Грандиозното научно дело на дијалектологот Божидар Видоески не само што ги урива сегашните бугарско-грчки фалсификати и оспорувања на македонскиот јазично-идентитетски комплекс, туку и отвора сериозен простор за дилема: дали нема, или можеби и има право Република Македонија, согласно и со меѓународното право и неговиот врховен принцип „јус когенс“ да постапи денес со „Бугарскиот договор“ еднакво како што постапи Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949 година – како Бугарија согласно со нејзините „бугарски државни и национални интереси’, така и Македонија согласно со своите државно-национални интереси?! Зашто, великанот на македонската дијалектологија аргументирано докажа дека македонскиот јазик е столб на македонскиот идентитет и сиот свој живот го бранеше тој идентитетски столб, кој е денес загрозен со бугарските евроинтеграциски уцени и ултиматуми.

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на македонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за историјата на Античка Македонија со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. На 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

To top