Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги обвини поранешните функционери на партијата, иницијатори на демократската платформа „12.05“, дека нивните активности не се водени од искрени политички намери, туку од лични и финансиски интереси и соработка со актуелната власт.
Филипче порача дека вратите на СДСМ остануваат отворени за сите членови за дебата и обединување, но според него, одбивањето на иницијаторите да учествуваат во внатрепартиска дискусија ги засилува сомнежите дека целта на движењето е слабеење на опозицијата.
Лидерот на СДСМ притоа изнесе и обвинувања за финансиска поврзаност на дел од иницијаторите со владејачките структури.
„Како може да се коментира поинаку освен дека се платени од власта, кога еден од тие луѓе – поранешниот генерален секретар на партијата, Никола Ќуркчиев, односно фирмата која тој ја претставува, добила тендер од 1,6 милион евра од државна фирма? Во ова време кога сè е централизирано, се знае кој одлучува за државните тендери“, изјави Филипче.
Ќе го уриваат ВМРО-ДПМНЕ од власт, ама прво да го решат Филипче – Expres
Тој оцени дека тешко може да се зборува за искрени намери, доколку истовремено се одбива повикот за дијалог во СДСМ, а се реализираат бизнис-интереси со институции под контрола на власта.
Филипче предупреди дека дополнителното раситнување на опозицискиот блок може да доведе до слабеење на опозицијата, повикувајќи се на примерот од Србија.
„Не е добро ситнење на опозицијата. Овој модел сме го виделе во Србија. Раситнета опозицијата сега не може да се соберат. Тоа е целта. Тоа е манирот“, рече Филипче.
Како пример ја посочи и појавата на ЗНАМ, која, според неговата оценка, придонела за поделба на гласовите на СДСМ, што му овозможило на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да дојдат до победа, по што ЗНАМ стана дел од власта.
Филипче упати апел за обединување на опозицијата, нагласувајќи дека, според него, во актуелната политичка ситуација не е во прашање само иднината на СДСМ, туку и иднината на државата.
„Нека се вразумат! Не е во прашање само СДСМ, туку иднината на државата. Вака ако се остави да владее арамиската група на Христијан Мицкоски, лошо се пишува на секој еден којшто тука живее. Ги повикувам да ги споиме силите и заедно да се избориме“, додаде Филипче.