Со голот на Микел Мерино во 88. минута, Шпанија ја совлада Белгија со 2:1 во Лос Анџелес и на 14 јули во Далас ќе игра со Франција во полуфиналето на 23. Светско фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада.
Токму Мерино, кој ја смести во мрежата одбиената топка од резервниот белгиски голман Сен Ламенс по ударот на Пау Кубарси, беше стрелец на победничкиот гол за поранешниот светски првак и во осминафиналето со Португалија, а ова е вкупно 12. негов погодок за националниот тим.
Ламенс застана на белгискиот гол во 71. минута на местото на повредениот Тибо Куртоа, но не се прослави со скротувањето на ударот од Кубарси по земја и по средината на голот.
„Црвената фурија“ поведе преку Фабијан Руиз во 30. минута, а „црвените ѓаволи“ израмнија со голот на Шарл де Кетеларе 11 минути подоцна.
Де Кетеларе, кој беше двоен стрелец во победата од 4:1 над соорганизаторот САД во претходната рунда, ја запре рекордната низа на шпанскиот голман Унаи Симон од 650 минути без примен гол на мундијалите.