Спорт

Македонија разбиена од мундијалскиот учесник Турција

„Црвено-жолтите“ декласирани со 4:0 во Истанбул во контролата за дебито во Б-дивизијата од Лигата на нациите наесен

Очајно издание и убедлив пораз на фудбалската репрезентација на Македонија од Турција во (не)пријателскиот натпревар во Истанбул, кој учесникот на претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико го доби со 4:0.

Кошмарот за избраниците на селекторот Гоце Седлоски на стадионот на Фенербахче почна практично со почетокот на натпреварот, бидејќи Турците уште во првиот напад во 10. секунда ја погодија пречката, а само по 62 секунди игра резулатот го отвори Оркун Кокчу.

Веќе во 16. минута зголеми Чан Јилмаз Узун, пред Јани Атанасов четири минути подоцна за малку да погоди надвор од шеснаесетникот, но неговиот удар се одби од противничка нога непосредно покрај десниот дирек на турскиот гол.

Најзрелата шанса за „црвено-жолтите“ ја имаше Езгјан Алиоски, кој прво со дриблинг го измести Озан Кабак, но потоа со послабата десна нога биеше во голманот Алтај Бајиндир.

Во 53. минута Денис Ѓул ѝ донесе водство на Турција од 3:0, а во 70. минута Бариш Јилмаз погоди за 4:0.

Турција, која е 22. на листата на ФИФА наспроти 67. Македонија, доминираше на теренот, за што зборуваат поседот на топка од 60:40 проценти, како и упатените удари (19:6).

Македонија нема победа во последните осум средби од ремито без голови на гостувањето во Белгија минатиот октомври, во кои има пет нерешени и три порази, а под водство на Седлоски нема постигнато гол во двете ремија и двата пораза. Вкупната гол-разлика во последните осум меча е 2:16, а во четирите настапи со новиот селектор 0:8!

Најнови вести од: Спорт

To top