Американскиот претседател Доналд Трамп повторно застана во одбрана на изградбата и проширувањето на центрите за податоци во САД, и покрај сè поголемото противење што доаѓа и од републиканците и од демократите во пресрет на среднорочните избори во ноември. Ова го објави „Политико“.
Преку својата мрежа „Трут сошл“ Трамп порача дека ваквите објекти ќе донесат економски просперитет и богатство за Американците, истовремено критикувајќи ги заедниците и политичарите што се спротивставуваат.
„Единствената причина зошто заедниците низ САД не треба да сакаат центри за податоци е затоа што сакаат да завршат заостанати и сиромашни“, напиша Трамп.
Според него, поддршката за овие инвестиции ќе донесе повеќе работни места и пониски даноци.
„Ако сакаат да бидат просперитетни и богати, со многу пониски даноци и работни места насекаде, тогаш нека ги поддржат. Ако ја убиеме гуската што ги снесува златните јајца, ќе се обвинувате себеси“, порача претседателот.
Трамп посочи и дека Кина би можела да има корист од зголеменото противење на центрите за податоци во САД.
Неговите изјави доаѓаат во период кога изградбата на големи центри, поттикната од брзиот развој на вештачката интелигенција, сè почесто наидува на отпор. Критиките главно се однесуваат на високата потрошувачка на електрична енергија и вода, како и на влијанието врз локалните заедници.