Свет

Украинец, засега, единствен обвинет за подметнатите експлозии

Германските обвинители тврдат дека делата за кои се товари Серхиј К. – имено, напади врз цивилни цели и предизвикување експлозии што уништиле инфраструктурни објекти и го попречиле функционирањето на јавните услуги – би можеле да се класифицираат како воени злосторства

 

Денес во Германија започнува судењето на поранешен украински воен офицер, обвинет за организирање тајна операција во која беа разнесени гасоводите „Северен тек“ во септември 2022 година, со што Западна Европа остана без најголемиот извор на руски природен гас.

Осомничениот, кој според германските правила за приватност се именува само како Серхиј К., е обвинет дека предводел група украински оперативци – вклучувајќи нуркачи и експерт за експлозиви – во една од најголемите саботажи на инфраструктурата во модерната историја.

Овој случај ќе биде прва можност јавно да се претстават доказите собрани за време на повеќегодишната истрага, која предизвика дипломатски и политички тешкотии за германската влада. Германија продолжува цврсто да ја поддржува Украина, и покрај тоа што истрагата укажува на Киев како можен учесник во саботажата, истакнува Ројтерс.

Обвинителите тврдат дека Серхиј К., кој беше уапсен во Италија минатата година врз основа на меѓународна потерница, заедно со други припадници на армијата, планирал тајна операција во име на досега неименувани украински државни органи.

Серхиј К. негираше каква било вмешаност во експлозиите со кои беше уништен гасоводот долг 1.200 километри во Балтичкото Море.

Владата во Киев исто така негираше каква било вмешаност – прашање што е чувствително во односите со Германија, најголемиот европски снабдувач на воена помош за Украина.

Руската влада завчера изјави дека очекува праведна пресуда што ќе ги открие имињата на извршителите и на оние што ја нарачале операцијата.

Германските обвинители тврдат дека делата за кои се товари Серхиј К. – имено, напади врз цивилни цели и предизвикување експлозии што уништиле инфраструктурни објекти и го попречиле функционирањето на јавните услуги – би можеле да се класифицираат како воени злосторства.

Наводната цел била да се спречи Русија да остварува значителни приходи од странство по нејзината целосна инвазија врз Украина претходната година.

Серхиј К. е единственото лице на кое моментално му се суди во овој случај; сепак, хрватските власти уапсија уште еден маж за кого обвинителите веруваат дека бил еден од нуркачите во групата. Украинскиот државјанин Володимир Журалов беше уапсен на 19 август во туристички објект во близина на Пула, врз основа на европски налог за апсење издаден од Германија.

Окружниот суд во Пула ја одобри неговата екстрадиција во Германија, а неговиот адвокат најави жалба на одлуката.

Најнови вести од: Свет

Меѓусоседски спор не може да биде пречка за влез во Унијата

Австрија, Чешка и Словачка, во заеднички неофицијален документ (нон-пејпер) го посочија спорот меѓу Хрватска и Црна Гора како пример за билатерално прашање што го забавува пристапниот процес на кандидатите за членство

To top