Бизнис

Инвестициите и иновативните практики се клучот за одржливо лозарство и конкурентна винска индустрија

Воведување на современи стандарди, иновативни практики и напредни технологии се клучни фактори за обезбедување одржлив развој на винарската индустрија

Воведување на современи стандарди, иновативни практики и напредни технологии се клучни фактори за обезбедување одржлив развој на винарската индустрија во услови на засилени климатски промени. За резултати e неопходно континуирано следење на новите трендови и нивна имплементација, но и силна соработка помеѓу индустријата, експертската јавност и институциите. Ова беа главните заклучоци на конференцијата „Иднината на лозарството: Иновации, стандарди и одржлив развој“, која се одржа во М6 Едукативниот центар, а беше во организација на здруженијата „Вина од Македонија“ и „Повардарски – ВРВ“.

На конференцијата беа презентирани најновите сознанија од областа на винската индустрија, со фокус на неколку значајни теми: „Главни предизвици во современото лозарство“, „Иновации и нови стандарди во производството“, „Агро-технички мерки за зголемување на квалитетот“ и „Институционална поддршка и развој на соработката меѓу чинителите во секторот“.

Светозар Јаневски, претседател на здружението „Вина од Македонија“, нагласи дека е неопходен интегриран пристап и соработка.

 

 

„Само со заеднички напори и координирани активности можеме успешно да се справиме со новите состојби и да обезбедиме опстанок, но уште повеќе сигурен и долгорочен развој на лозарството и винарството. За тоа е потребна финансиска и институционална поддршка, како и регулаторна рамка, имплементација на стандарди, но и соработка со академската заедница во однос на научните факти и воведувањето иновации. На овој начин производителите на грозје и вино на терен ќе ги преземаат вистинските чекори и мерки, со кои ќе се обезбеди квалитетен род и вредност за секој член на индустријата, но и за целокупната економија“, изјави Јаневски.

На конференцијата, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски говореше за значењето на мерките за заштита на лозјата од влијанието на климатските промени и екстремните временски услови, како и активностите на Владата за модернизација на земјоделскиот сектор, за поголемо вклучување на младите и за заштитата на географските ознаки на земјоделските производи, вклучувајќи го виното, како доказ за автентичноста и гаранција на нивниот висок квалитет.

„Нашата визија кон која како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство активно работиме е модернизацијата на земјоделскиот сектор, за да ја олесниме работата на земјоделците, со што ќе имаме и подобар принос и баран квалитет. Нашата цел е да создадеме услови за одржлив развој кој ќе им обезбеди достоинствен живот на сите оние кои работат во земјоделскиот сектор. Преку заедничката работа, преку мерки за адаптација на земјоделското производство кон климатските промени и зголемување на производните капацитети, ќе продолжиме да градиме подобра иднина за лозарството и винарството во Македонија“, истакна министерот Трипуновски.

Зајакнувањето на конкурентноста и подобрување на позициите на македонските вина на пазарите се детерминирани од следењето на новите трендови во лозарството. Македонските лозари имаат можност да слушнат за најновите технологии од светски познатиот агроном, истражувач и консултант Џовани Бигот, кој работи со тимот на „Тиквеш“ на воведување и следење на најсовремените практики за производство на здраво, висококвалитетно грозје од кое се произведуваат врвни вина.

„Цената на грозјето е поврзана со степенот на агрономска прецизност. Потребни се модерна инфраструктура за наводнување, како и поедноставен увоз на агро-технолошки алати и производи. ‚Тиквеш’ веќе го трасира патот за модерното македонско лозарство“, нагласи Бигот.

Џовани Бигот ја нагласи и важноста на континуираното инвестирање во нови иновативни практики во лозарството каско основен услов за конкурентност.

Д-р Клемен Лисјак, енолог и истражувач во Земјоделскиот институт на Словенија ги презентираше „Иновативниот пристап во производството на грозје и вино во Винарската визба Тиквеш“. Презентирајќи ги резултатите од овој пристап тој истакна: „Патот на квалитетното вино почнува од лозовиот насад, важно е како се наводенува, како се следи зреењето на грозјето, како и кога се одредува точното време на берба, а притоа треба да се имаат предвид и географските и климатските специфики на одредено подрачје. За да се постигне тоа неопходни се континуирани инвестиции и едукација“, рече Лисјак.

Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на ВОМ, беше децидна дека конкурентноста ќе се зголеми само преку научни сознанија и соработка, а стратешка определба е да се дефинираат стандарди за производството на грозје.

„Ангажирањето на странските експерти на лозовите насади на ‚Тиквеш’ има позитивно влијание врз обезбедување одржлив развој на целокупното домашно лозарство и винска индустрија. Со дигитализацијата во производството на грозје, како и преку експертизата што ја добивме, ја подигнавме контролата на лозовите насади на највисоко ниво“, рече Младеновска-Јеленковиќ.

Милица Плетварска-Атанасов, извршен директор на Здружението „Повардарски – ВРВ“, зборуваше за „Потреба од заедничка стратегија за воспоставување стандарди како предуслов за успешно справување со климатските промени “. „Работиме на воспоставување систем за географски ознаки за вино, кои имаат силно значење за унапредување на конкурентноста. Преку географските ознаки потрошувачите знаат што купуваат, а локалните винари се заштитени од имитации или злоупотреба на имиња. Ова е процес за кој е важна поширока соработка, без тоа нема да може да ги постигнеме целите“, истакна Плетварска-Атанасов.

На конференцијата свое излагање имаа и проф. д-р Климе Белески од Земјоделскиот институт од Скопје, кој се обрати на темата „Концептот на селекција на сорти: Клучна најдобра практика во лозарството“ и Сандра Георгиева од винарницата „Шато Камник“ која зборуваше на тема „Потреба од редовно следење и годишни анализи на берба со цел предвидување на условите во иднина“, како и Александра Ристова од Винарската Визба „Тиквеш“ која се осврна на потребата од „Градење стратегија за отпорност кон климатските промени“.

Најнови вести од: Бизнис

ССМ: Македонија е меѓу најлошите држави во светот за работниците

Од Синдикатот велат дека „и оваа година забележано е формирање и дејствување на жолт синдикат и тоа под политичка наредба, како и забележано е присилување на работниците да се приклучат на таквиот жолт синдикат кој наместо да работи во интерес на работниците, работи во интерес на газдите и политичката партија под чија наредба и се формирал, односно онаа политичка партија којашто е на власт“.

Над 40 милиони евра за 10.000 луѓе предвидени со Оперативниот план за вработување

Годинава целта на Оперативниот план е развојот на претприемништвото и самовработувањето. За оваа намена предвидена е поддршка за над 2.000 лица преку мерките за самовработување, вклучително и за млади лица до 29 години, лица над 29 години и здружување на корисници во трговски друштва. Преку овие мерки се обезбедуваат грантови до 615.000 денари за основање сопствен бизнис, како и поддршка до 1.230.000 денари за здружување на повеќе корисници во заеднички бизнис.

Владата најави санкции за компаниите кои нудат плати под минималната

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека ниту една компанија не смее да нуди работа за плата која е пониска од законски утврдената минимална плата и најави контроли и санкции доколку биде констатирано дека навистина се нудат работни места за плати под минималната.

(Фото): Фирмите добиваат побрзи и поедноставени царински процедури со електронскиот – АТА систем

Од 1 јуни 2026 година официјално започнува глобалната транзиција кон модернизираниот дигитален е-ATA Carnet систем, согласно меѓународната динамика утврдена од Меѓународната трговска комора (ICC) и Светската царинска организација (WCO).

Усвоена Стратегијата за управување со јавниот долг 2027-2029, тој останува стабилен и одржлив

Стратегијата предвидува постепено стабилизирање и намалување на јавниот долг, кој според проекциите во 2031 година ќе се намали на 56,1% од БДП и ќе остане под утврдениот праг од 60% од БДП.

Граѓани и компании чекаат поврат на над 300 милиони денари

Наплатата на приходите од данокот на добивка останува стабилна, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) по обработката на даночните биланси за 2025 година, за кои рокот за поднесување истече во март годинава. Според УЈП, вкупно 25.506 даночни обврзници поднеле образец „ДБ“ за оданочување на добивка, додека 50.465 обврзници доставиле образец „ДБ-ВП“ за оданочување на вкупен приход. Бројките бележат раст во споредба со претходната година.

To top