
Роберт Димитриевски
Ако не се фатеа за влезниците, сетики ќе измислеа друг изговор. Намерата им беше проѕирна, како против Партизан во Белград, по секоја цена да се преземе нешто што ќе ги спаси од неминовното и, наместо на теренот, да ја добијат битката на „зелена маса“. Јасно им беше дека немаат што да бараат во Скопје по поразот од 29:25 во Атина, па повторно се послужија со византиска итрина. Со надеж дека Европската ракометна федерација одново ќе им ги услиши поплаките, како против „црно-белите“ во четвртфиналето на Европскиот куп, па ќе го превеслаат и Алкалоид надвор од борилиштето. Таму кајшто нема бегање од реалноста, на ракометното игралиште, се виде кој е кој, па заканите од своите навивачи да не бидат достоинствени ни во поразот им дојдоа како совршено оправдување. Како во српската изрека со „рѓавом“, „длаке“ итн, итн.
АЕК се посрамоти за сите пари. Пред цела Европа покажа дека е мал клуб, штом не може да се справи со сопствените фанови. Трофејот од ова натпреварување на ЕХФ пред четири години го обврзуваше на сосем поинаков однос од кукавичлакот покажан со бегањето од мегдан на освојувачот на Купот на Македонија. Не само што разочара 6.000 македонски љубители на ракометот во арената „Борис Трајковски“, туку му нанесе тежок удар на интегритетот на спортот што упорно се обидува и никако не успева да им се приближи на фудбалот, кошарката, одбојката. Како за трикратен финалист во Европскиот куп, актуелен вицешампион на јужниот сосед и петкратен првак, на АЕК најмалку му прилега криењето зад навивачите, па уште и јавното солидаризирање со нив кога му прават огромна штета и на клубот и на спортот воопшто. Дојдоа, видоа, побегнаа и едните, и другите. Ептен витешки…
Нo, тоа не е проблем ниту на Алкалоид ниту на македонскиот ракомет. Нека си ја удира главата сега ЕХФ. Ако се придржува до сопствената регулатива, не може да донесе никаква поинаква одлука освен службена победа од 10:0 за Алкалоид, а со тоа и пехарот од третото по ранг клупско натпреварување на стариот континент за македонскиот тим. Плус драконски казни за АЕК во вид на суспензија од еврокуповите, „солена“ парична санкција и надомест на трошоците на Алкалоид за организацијата на реваншот. Само така ќе покаже авторитет и ќе обесхрабри други и да помислат дека би можеле да победат со сплетки и интриги наместо со ракометни вештини.
Каква одлука и да донесе европската „куќа на ракометот“, Алкалоид секако е победник. Нецели четири години по формирањето го заслужи својот прв европски трофеј, откако на домашната сцена им ги измеша лончињата на досега неприкосновените Вардар и Пелистер. Пехарот од Европскиот куп е круна на тие од македонските Куп и Суперкуп минатата година и вицешампионската титула сезоната пред тоа. А тука сигурно не завршуваат амбициите на клубот од Автокоманда со фармацевтскиот гигант од другата страна на булеварот „Александар Македонски“ зад себе. Познавајќи ги Живко Мукаетов и Кирил Лазаров, ова е само отскочна штица за вивнување во самиот европски врв.