Колумни

Како да се „свари“ Арбен Таравари

Роберт Димитриевски Во каква „ходајуќа“ брука може да се претвори некој преку ноќ – да се чуди човек. Ти го мислиш умерен политичар Албанец, пример за модерни сфаќања, за емпатија кон сограѓаните Македонци, а тој само да ти глумел гулаб, а потсвесно се замислувал себеси како – орел. „Во одредени општини, да бидеме искрени, можеби […]

Роберт Димитриевски

Во каква „ходајуќа“ брука може да се претвори некој преку ноќ – да се чуди човек. Ти го мислиш умерен политичар Албанец, пример за модерни сфаќања, за емпатија кон сограѓаните Македонци, а тој само да ти глумел гулаб, а потсвесно се замислувал себеси како – орел.

„Во одредени општини, да бидеме искрени, можеби ќе има соработка ‘Влен’ – ДУИ – Алијанса за Албанците. На пример, Кичево. Кичево е типичен пример кадешто, за жал, ќе излезе на крајот да се гласа за Македонец или за Албанец, иако јас не би посакал така да биде на изборите, туку да се гласа за кандидат. И за одредени други општини може да има соработка Алијанса – ДУИ – ‘Влен’“, ќе порача Арбен Таравари во „Тема на денот“ на Сител ТВ.

Ајде мајката! Две недели откако „ничим изазван“ излезе од Владата, лидерот на делот од Алијанса за Албанците дотогаш во коалицијата „Вреди“ се промовира во некој што му „вреди“, што би рекле Бугарите, му штети на соживотот во Македонија.

„Мислам дека сè уште перцепцијата е дека не успеавме во Македонија да направиме општество во коешто сите граѓани ќе ја избираат секогаш најдобрата личност којашто може да раководи со конкретна општина. Сè уште, за жал, сме сегрегирани, што на мене лично тоа не ми се допаѓа, меѓутоа тоа е реалноста во Македонија. Така што во некои општини, во зависност од етничката конфигурација, ќе има соработка со различни партии“, ќе додаде тој во интервјуто.

Па, како да се промени таа перцепција кога токму тој што се очекуваше да ја промени ја изневери таа кауза? Оди најди му го крајот на некој што во два мандата беше избиран за градоначалник на Гостивар, благодарејќи и на гласовите од Македонци што не сакаа тоа да биде кандидатот на ДУИ. Плус „обесправениов“ ја извршуваше функцијата министер за здравство во две влади – на Зоран Заев и до скоро на Христијан Мицкоски.

Од каде тогаш пизмата на Таравари кон мнозинскиот народ во оваа држава? Од каде поривот за еднонационална мобилизација само и само Македонец да не бил избран за градоначалник во општините во кои во вториот круг противник би му бил Албанец?!

Не е можно дека верува оти во великоалбанската ролја ќе му конкурира на Али Ахмети. Па, кој од гласачкото тело на Албанците од Македонија ќе падне на таа финта, знаејќи дека токму тој беше дел од неуспешниот обид за создавање парламентарно мнозинство кога им застана на патот несреќана Кастриот Реџепи. Оној де, чијашто сопруга слушнала на телевизија дека францускиот претседател Емануел Макрон најавил за Македонија датум за почеток на преговори со Европската унија?!

Таравари „сто пати“ досега смени дрес, се покажа и докажа како шампион по превртливост, како некој кому до албанската светост наречена „беса“ му е како до ланскиот снег. Кому Арбен му дал збор, не видел многу аир. Веќе на следниот свиок му го вртел грбот и се фаќал на туѓо оро.

Тоа, сепак, е проблем само за него и за тие што го следат. За останатите останува жално што со него оди неврат уште една можност за зближување меѓу Македонците и Албанците во оваа држава. Потрошена е уште една карта што влеваше надеж за премостување на меѓуетничкиот јаз, за надминување на недовербата.

Докторот, едноставно, одбра да игра на губитничка карта, да седне во скутот на Ахмети и со тоа дефинитивно да го обесмисли постоењето на партијата замислена како антипод на ДУИ.

Најнови вести од: Колумни

Мисирков е интелектуалниот архитект на македонизмот, а „За македонцките работи“ е светилник за македонскиот народ и платформа за неговото битисување (3)

Севкупното дело на Крсте Петков Мисирков е платформа на македонизмот, на македонството. Би се рекло, и повеќе: тоа дело, а особено „За македонцките работи“ е светилник на македонизмот и македонскиот народ

„За македонцките работи“ на Мисирков и денес моќен бедем против сите негирања и напади врз македонскиот идентитет, националната свест и јазикот (2)

Денес, на 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме, заради нашиот опстој во сегашниве драматично разбранувани и геополитички вителни мигови во Балканот, Европа и во светот. Идеите и пораките на Мисирков, особено во неговата капитална политичко-јазична студија „За македонцките работи“, се животно важни патокази за претстојниот развој на македонската нација и на македонската држава во полза на сите нејзини граѓани.

Повикот на Мисирков за безгранична љубов кон Македонија и постојано работење за нејзините интереси – најсилно оружје за зачувување на македонскиот идентитет и јазик (1)

Денес, на 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме како народ, заради нашиот опстој во сегашниве геополитички вителни и драматично разбранувани мигови во Балканот, Европа и во светот. Идеите и пораките на Мисирков, особено во неговата капитална политичко-јазична студија „За македонцките работи“, се животно важни патокази за опстојот и идниот развој на македонската нација и на македонската држава во полза на сите нејзини граѓани.

To top