Ракометарите на Вардар имаат за што да жалат во третото коло од групната фаза на Европската лига, во кое загубија во Кристијанстад со 32:31 откако не реализираа стопроцентна шанса во својот последен напад, а во завршните секунди шведскиот ривал погоди и го однесе целиот плен.
„Црвено-црните“ во својот последен напад направија вишок на десно крило, но Ведран Ќосевски биеше во домашниот голман, а осум секунди до крајот Аксел Монсон со својот 13. погодок на средбата му ја донесе првата победа на Кристијанстад во деветтиот меѓусебен дуел со Вардар, кој ги доби сите осум претходни!
Дмитро Хориха во претходните два напада го доближи македонскиот вицешампион до триумф, вториот пат погодувајќи за водство од 31:30 на 95 секунди до последниот свиреж на судиите од Австрија, но ни тоа не се покажа доволно за составот на Иван Чупиќ, како ни 19. одбрани на голманот Милош Валах.
Покрај полскиот чувар на мрежата, кај двократниот европски првак се издвоија Хориха со 8 гола од 9 удари, Николас Боно со 6/7 и Јака Малус со 6/10.
На половина од натпреварите во групата Ф Вардар е втор со 4 бода, еден помалку од новиот лидер Кристијанстад и еден повеќе од Сесвете од Хрватска, кој славеше со 32:31 над Тулуз, последен без бодови.
Во следниот круг по групи ќе продолжат двете најуспешни екипи, a во следното коло наредниот вторник од 18:45 часот во арената „Јане Сандански“ вардаровите ракометари ќе имаат можност да му се реваншираат на Кристијанстад.