Борбата за шампионската титула во Првата македонска фудбалска лига повторно стана неизвесна по денешниот изненадувачки пораз на Вардар од 1:0 против дебитантот Арсими во Гостивар и победата на Шкендија со идентичен резултат на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров во 24. коло.
Шпанскиот играч за врска Маркел Гони му пресуди на најтрофејниот македонски фудбалски клуб во 43. минута, а „лавовите“ во Ѓорче Петров ги скроти косовскиот интернационалец од средниот ред Ендрит Красниќи во 53. минута.
Скопските и тетовските „црвено-црни“ сега имаат по 58 бода, а Вардар е на врвот поради подобрата гол-разлика (+33 наспроти +27).