Колумни

Ацо Шопов и неговиот тестаментален „завет кон татковината Македонија и слободата како многу поголеми од сопствениот живот“

Денеска, на 20 април, 2026 година се навршуваат 44 години од смртта на Ацо Шопов, на великиот поет на македонските борби и страданија, на македонските стремежи и идеали. Ова е нова пригода за осврнување, но и за соодветно чествување на неговата личност и неговото творештво како еден од основоположниците на современата македонска поезија и воопшто на современата македонска книжевност. „Од дамни дамнини расте ова дрво на сува рида без вода … но во него шуркаат сите живи сокови на светот. … Ветришта диви го сардисуваат и сеништа темни, … суши змијарници му ги смукаат корењата земни, но тоа од пркос зазеленува и расте … дрвото опстојува и останува.“ – напишал Шопов во 1980 година во својата последна песна и истоимена стихозбирка „Дрво на животот“, кое поетски го симболизира со Македонија. Во оваа бележита песна тој му оставил моќно тестаментално завештание на својот македонски народ, кое бездруго уште посилно одекнува денес: во овие мигови кога од сите страни многумина од петни сили се устремиле да ја урнисаат Македонија во бездната на непостоењето, Македонците треба да ги зачуваат „корените на македонското дрво на животот“. Дека треба да ја зачуваат и да ја извишат својата татковина на врвот на планината на постоењето, каде што опстојува дрвото на нејзиниот живот, со своите корења, длабоко проникнати во сите векови и епохи на постоењето низ историјата!

Пишува: Свето Тоевски:

Љубовта кон Македонија сеприсутна во поезијата на Ацо Шопов

Според Науме Радически, Шопов во својата поезија постојано повикува на „завет кон татковината и слободата како многу поголеми од сопствениот живот“. „Татковината е постојано присутна во секоја творечка фаза на поезијата на Шопов, од првото споменување на Македонија во збирката ‘Песна на црната жена’(1976), до последната аманетна книга ‘На врвот’.“ – – истакнуваат во својот научен труд „Каде е Македонија во поезијата на Ацо Шопов“ д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и Иван Антоновски, асистент на истиот факултет и поет и книжевен критичар.

„Млад сум, а душата ми е остарена од љубовта моја неостварена, љубовта Mакедонија!“ – ќе напише Шопов во воведната песна „Оздравување на болниот“ од стихозбирката „Дрво на ридот“ (1980), објавена две години пред неговата смрт. „Последните напишани песни, неретко се и аманети на поетите. Затоа, кога го чествуваме Ацо Шопов силно ја чувствуваме потребата да го исчитаме и да го протолкуваме неговиот (поетски) аманет.“ – дополнуваат Мојсова-Чепишевска и Антоновски во својот труд. Во споменатата воведна песна од „Дрво на ридот“ Шопов гласно извикува: „Македонија е во светот, а светот во Македонија. / Твоите очи греат ко сонце / низ твојата песна уште недопеана. На долгите патишта на светот се отсликуваше ликот на Македонија, а ликот на светот се отсликуваше во Македонија.“

Шопов ѝ пристапува со извонредни поетски слики на Македонија како тема уште во песната „Езеро на животот“ од стихозбирката „Небиднина“ (1963). „…разнишана од бури и породилна агонија / галијата плови низ бурите, ту изчезнува меѓу брановите, ту изронува од нив / со име Македонија.истакнува Шопов во „Езеро на животот“. Песните на Шопов се поезија на македонската судба и опстојба, но и многу повеќе: негови поетски посланија на оптимизмот. Во „Езеро на животот“ Шопов пее за „галијата Македонија“, која иако е „разнишана од бурите“, сепак, успева да се одржува на разбрануваните води на историските премрежија.

Шопов маестрално ја „читаше“ и поетски ја толкуваше „македонската книга на животот“ цели 38 години

„За мене зборот небиднина ја изразува сета судба на нашиот народ: неговите вековни борби и страдања, стремежи и неостварени идеали, љубови и патила. – има кажано великиот мајстор на македонската поетска реч Ацо Шопов во 1976 година, осврнувајќи се на мотивите на неговата песна „Небиднина“ и истоимената поетска збирка, објавена во 1963 година. Истата година Шопов ќе дообјасни: „Со ‘Небиднина’ и песната ‘Гледач во пепелта’ (1970) започнува нова фаза во мојот поетски развој, во која се прави обид да се прочита ‘книгата на животот.”  Но, Ацо Шопов 38 години поправо не само што обидувал, туку и успевал маестрално да ја прочита „македонската книга на животот“ на својот народ, оставајќи по својата смрт поетско творештво од 12 стихозбирки на македонски јазик со трајни, вонвременски поетски пораки. Тие пораки носат печат и на своевидна македонска филозофија на отпор, на повик на бунт и борба против небиднината. Шопов е автор на првата стихозбирка на македонски јазик „Песни“, објавена на македонски јазик уште во 1944 година.

Саведра: Шопов отвори нови хоризонти на јазикот на македонскиот народ, кому толку долго му беше оспорувано правото да ги одразува своите чувства и мисли

„Во ‘Песни“ се наоѓаше драгоцен материјал што му отвараше нови хоризонти на поетскиот и литературен израз, пишуван со кирилица, на македонски јазик.” – забележала мексиканската поетеса Аурора Марија Саведра четириесеттина години по објавувањето на збирката, во предговорот на изборот „Гледач во пепелта“, објавена во 1987 година на шпански јазик во Мексико. „Со ‘Песни’ дотогаш кревкиот јазик на Македонците  на народот кому толку долго му беше оспорувано правото да ги одразува своите чувства и мисли, на народот чијашто пишувана литература беше ограничена во својот развој, поради многубројните странски натрапништва почна да се воздигнува и да го стекнува својот самоопределувачки профил. Служејќи се со говорот на своите предци, Ацо Шопов многу рано научи да чита во пепелта.“ – напишала Саведра во тој свој преговор.

Шопов: „Во Македонија се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, а светот е бремен од проблемите на Македонија“

Во 1969 година на „Змаевите детски игри“ во Нови Сад, Шопов ќе нагласи: „Доаѓам од југ, од Македонија, земја на стари паметници на културата, на црното сонце на игото и долготрајниот јарем, каде што крстот на судбината е полесен од пепелта на минатото, каде што мртвите не можат да умрат додека трае песната на живите, каде што на живите не им тежат гробовите на мртвите, туку песните што ги пеат, каде што водата извира од срцата на фреските и, заплискана од сонцето без исток и запад, повторно се влева во истите тие фрески како скаменет вез на ѕидовите на постоењето и неизбежноста. Една мисла повторно ме возбудува: колку разновидност, богатства, длабочини, колку патишта и различни судбини на една мала грутка земја, која ја чувствуваме како наша татковина, како сиот свет во мало да застанал на неа, со пркос кон себеси и кон другите“.

Во песната „Долгото доаѓање на огнот“ Ацо Шопов пишува: „Ни мртвите се мртви ни живите живи. / Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна. / Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна. / Не им е тежок гробот мртвите кајшто лежат. / Песните што ги пеат на живите им тежат /  И тогаш силно почувствував дека во Македонија / се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, / а светот е бремен од проблемите на Македонија.“

Ацо Шопов (Штип, 20 декември 1923 – Скопје, 20 април 1982) уште како гимназијалец во 1940 година станал член на СКОЈ, а во 1943 година се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Во истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година. На неа Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи“.

Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и негов член од основањето во 1947 година, прв претседател на Советот на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (1962 година) и член на Македонската академија на науки и уметности од нејзиното основање (1967). Ацо Шопов бил амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971-1975).

„Нова Македонија“

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Кристина Крамер, врвниот светски амбасадор на македонскиот идентитет и јазична самобитност: Македонскиот јазик има своја историја и корени!

Проф. д-р Кристина Крамер, врвна македонистка од Канада, е добитник на годинашната најголема награда за македонистика „Воздејства“ како највисоко признание за нејзиниот извонреден и долгогодишен придонес во афирмацијата, изучувањето и претставувањето на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Ова престижно признание, кое традиционално го доделува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на 20 август 2026 година ѝ го врачи на Крамер ректорката Биљана Ангелова на свеченото отворање на 59-тата Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Наградата „Воздејства“ симболично го заокружува нејзиниот статус како еден од најважните современи странски македонисти. Македонските и македонистичките воздејства на Кристина Крамер траат веќе 40 години без прекин и продолжуваат со безмалку ист интензитет. Крамер е неуморен амбасадор на македонската книжевност, преведувајќи капитални дела од автори како Лидија Димковска, Гоце Смилевски, Луан Старова. За преводот на поезијата на Ацо Шопов ја освои и меѓународната награда „Драги“ во 2025 година. Канадската македонистка е и вистински светски амбасадор на македонскиот народ и неговиот македонски идентитет, на македонскиот јазик.

Лазо Ангеловски, ѕверски усмртен од грчката војска на 19.8.1948: Народ не се уништува со еден одземен живот, туку закрепнува со духот на маченикот!

„Не, јас не сум Евангелидис Лазарос, туку Ангеловски Лазо. Ние не сме Грци, туку Македонци. Јас верувам во мојот народ… Me убедувате дека не постои таков народ, но, ете, погледнете од Лерин кон север… Тие таму живеат и се радуваат на својата извојувана слобода!“ – со овие зборови му одговорил Лазо Ангеловски, револуционерот и деец за слободата на Македонците во Егејска Македонија, на началникот на затворот во Лерин во август 1948 година. Иследникот барал од претепаниот Лазо, уште незалекуван од добиените рани, да се откаже од своите револуционерни и македонски идеали. Му нудел дека ќе се спаси така. Лазо остро му се спротивставил: „Народ не умира, ниту се уништува со еден одземен живот, туку тој народ од духот на маченикот сѐ повеќе закрепнува!“ Лазо Ангеловски станува легенда на маченик мeѓy месното население во егејскиот дел на Македонија и идеал за храброст на идните македонски поколенија, запишал историчарот Христо Ивановски во својот научен труд за Ангеловски. Денес навршуваат 78 години од херојската смрт на овој велик Македонец, ѕверски усмртен од грчките монархофашисти на 19 август 1948 година.

Лант, водечкиот светски македонист и автор на македонската граматика од 1952, ја „бетонира“ вистината за самобитноста на македонскиот јазик и народ!

Уште пред седум децении американскиот македонист Хорас Лант целосно ги поби сите негаторски тези дека некој го „измислил македонскиот јазик во 1944/1945 година“ по своја „милост“, како што „трубат“ Бугарите денес низ Европа. Во текот на својот научен престој во Македонија и врз основа на систематската анализа на фонологијата, морфологијата и синтаксата на македонскиот јазик Лант потоа ја пишува својата знаменита „Граматика на македонскиот книжевен јазик („A Grammar of the Macedonian Literary Language“), која е објавена во Скопје во 1952 година. Ова дело претставува прва целосна научна граматика на современиот македонски литературен јазик, напишана според западни лингвистички стандарди и наменета за меѓународната научна јавност. Оваа граматика го разгоре гневот на бугарските националисти, кои го сметаа македонскиот јазик како „западен дијалект на бугарскиот јазик“. Лант почина на 11 август 2010 година. Денешното навршување на 16-тата годишнина од неговата смрт е соодветна пригода за должно осврнување кон неговото македонистичко дело, кое е од исклучително значење за македонскиот народ.

Народниот херој Михајло Апостолски, генералот, кој се бореше со оружје и наука против бугарскиот окупатор и великобугарскиот шовинизам кон Македонија

„Срцевината на бугарската политика се барањето Македонија да се присоедини со Бугарија и непризнавањето на македонската нација. Таа теорија со таканаречени ‘научни методи’ денес ја разработуваат бугарските историчари. Тие се обидуваат да докажат дека Македонија е Бугарија, односно дека Македонците се Бугари. Тоа е смешно. Тоа не е историја! Како може некому му да се промени нацијата со политикантски декрет? Националното чувство не може да се промени.“ – нагласи генералот Михајло Апостолски во интервју дадено за белградскиот часопис „Дуга“ број 261 од 25 февруари 1984 година. Тоа е народниот херој, човекот што командуваше во Втората светска војна со Главниот штаб на народноослободителната војска на Македонија и првиот претседател на Македонската академија на науки и уметности. Изворните сведоштва и забелешки на Апостолски за бугарската окупација и историските манипулации на Бугарија, оставени во неговите дела, интервјуа и историски документи, се од првокласно значење за политичката и и севкупна национална историја на македонскиот народ. Денес, на 7 август 2026 година се навршуваат 39 години од неговата смрт и ова е пригода за повторно сеќавање за животот и делото на Михајло Апостолски, една од клучните личности на генерацијата, која со оружје ја извојува слободата и ја втемели државноста на македонскиот народ, а со перо и наука ја ширеше и ја бранеше македонската национална и јазична самобитност ширум Европа и светот.

Ватрослав Јагиќ, светскиот афирматор на посебноста на македонскиот народ, идентитет и јазик, наспроти сите оспорувања на неговото постоење!

На денешен ден, на 5 август 1923 година починал хрватскиот јазичар Ватрослав Јагиќ, славист со огромно значење за македонскиот јазик и македонистиката. Тој има непроценливо, пионерско значење за македонскиот народ и јазик. Како еден од најголемите светски слависти во XIX и почетокот на XX век, тој со својот научен авторитет ги извлече македонскиот јазик и македонистиката од сенката на соседните пропаганди и ги  постави на рамноправно рамниште во светската наука. Јагиќ му даде на македонскиот јазик научен легитимитет на меѓународната сцена уште пред да биде кодификуван во 1944 / 1945 година. Од непроценливо значење е широката и голема меѓународна афирмација на македонскиот јазичен идентитет, која ја вршел со своите научни активности овој хрватски и европски јазичар. Иако дејствувал во време кога македонскиот јазик немал официјален статус, Јагиќ во своите научни студии јасно го издвојувал македонскиот јазичен и дијалектен простор како посебен и специфичен во рамките на јужнословенската јазична група. Улогата на Ватрослав Јагиќ во одбраната на македонскиот национален и етнојазичен идентитет била првенствено научна: дејствувајќи како силен штит против асимилаторските пропаганди на соседните балкански држави во XIX век. Во време кога македонскиот народ немал своја држава, ниту политичка моќ, Јагиќ го користел својот авторитет како водечки светски славист, за да ја докаже научната вистина за Македонија. И денес, 103 години по својата смрт, Јагиќ продолжува жестоко да ги негира сите негирања на македонскиот народ, идентитет и јазик, во прв ред „епохалните вистини“, кои ги пласираат Бугарската академија на науки и грчките „научници“ за „непостоењето“ на македонскиот јазик и на Македонците како народ.

Ѓорѓи Абаџиев, писателот на „светлосната згорнина“ на македонскиот народ: Секој треба да си го плати долгот кон татковината!

„Навлегуваше во неговиот ум јаснина како да излегол од хаосен мрак на светлосна згорнина… Другарите, кои загинаа, го исполнија својот долг. Треба и ние да го исполниме нашиот долг… Да се свртиме кон себеси, кон нашата положба… Вистинската смисла на човечкото живеење е во непрекинливата акција, во волјата на човекот да дејствува.“ – напиша големиот македонски писател Ѓорѓи Абаџиев во својот бележит историско-психолошки роман „Пустина“ за времето непосредно пред Илинденското востание, пролетта 1903, и за солунските атентатори — гемиџиите. Абаџиев ја вградува во него пораката дека секој на свој начин треба да си го плати долгот кон својата татковина. Вчера, на 2 август се навршија 63 години од неговата смрт. Овој знаменит македонски книжевен деец како да зрачи и денес со пораките од „Пустина“ дека македонскиот народ треба токму денес да се извиши кон „светлосна згорнина“ од „хаосниот мрак“ во кој го туркаат, оти треба „да се сврти кон себе и кон положбата, во која се наоѓа“, барајќи ја „смислата на своето постоење во непрекинливата акција, во својата волја да дејствува“.

Бугарија потпиша меѓународен „Бледски договор“ во 1947 и го раскина еднострано во 1949, а сега бара примена на Вториот протокол – неусвоен записник и промена на устав!

По преговорите на 30 и 31 јули 1947 година претседателот на Југославија Јосип Броз Тито и премиерот на Бугарија Георги Димитров потпишуваат на 1 август 1947 година меѓудржавен договор познат како „Бледски договор“. Тој има  исклучително значење за македонскиот народ, бидејќи е прво официјално државно признавање на македонскиот национален идентитет и јазик од страна на Бугарија. „Бледскиот договор“ меѓу двете држави има карактер на меѓународен договор и претставува меѓународно-правен пример, кој докажува дека историските  спорови меѓу двете земји веќе биле решени во согласност со Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации. Но, на 1 октомври 1949 година бугарската влада еднострано го раскинала „Бледскиот договор“. Денес се случува парадокс и апсурд, обединето во едно. Бугарија се откажала, поради свои национални интереси, од еден меѓународен договор со тогашна Југославија, која ги претставувала во полна мера и Македонија и македонскиот народ народ со неговите национални интереси. А денес Бугарија бара од Македонија целосно да го спроведува Вториот протокол кон „Добрососедскиот договор“ – протокол кој претставува најобичен технички документ, односно записник, кој не е ниту усвоен во Собранието на Македонија, па затоа не содржи обврска за негово спроведување. Бугарија раскинала еднострано меѓународен договор, а денес инсистира на спроведување технички документ, кој нема врска со меѓународен договор, иако ЕУ му дала „европски печат“, вметнувајќи го во Преговарачката рамка со сите во него протнати обврски за промена на устав и за „Бугари во устав“, за промена на учебници, споменици, за целосна бугаризација на сѐ што е македонско! Од аспект на меѓународното право, „Бледскиот договор“ воопшто не е „прелиминарен“ договор без никакво значење, туку претставува правно – специфичен, историски и политички важен документ, формално потпишан од Јосип Броз Тито во име на Југославија, која ја застапуваше полноважно Македонија, и од Георги Димитров во име на Бугарија.

To top