Бизнис

(Фото): Банкарскиот систем е стабилен, но надворешни ризици постојат, велат од Народна банка

Како значаен стратегиски исчекор во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и започнувањето на подготовките за воведување инстант плаќања, со што дополнително се унапредува платежната инфраструктура и се зајакнува финансиската интеграција со Европската Унија.

Советот на Народната банка, на редовната седница, ги усвои Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2025 година, при што беше оценето дека централната банка успешно ги остварувала своите цели во текот на годината, придонесувајќи за одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Во Годишниот извештај се истакнува дека 2025-тата година беше обележана со сложено и неизвесно надворешно окружување, додека сè уште постојат геополитички ризици и ценовни притисоци. Оттука, Народната банка водеше претпазлива и конзистентна монетарна политика, со што се придонесе за стабилизирање на инфлацијата и зачувување на довербата во домашната валута. По умереното нормализирање на монетарната политика, на самиот почеток на 2025 година, основната каматна стапка беше непроменета во ефективна смисла до крајот на годината. Претпазливата монетарна поставеност беше дополнително поддржана и со промените кај задолжителната резерва, како и со затегнувањето во делот на макропрудентните инструменти. Кон крајот на 2025 година, Народната банка премина и кон нова оперативна монетарна рамка, заради поголема усогласеност со меѓународните практики и подобро испраќање на сигналите на монетарната политика, без притоа да се промени поставеноста на монетарната политика. Ваквата поставеност на политиката, односно нивото на каматните стапки, заедно со промените кај другите инструменти, придонесуваат за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за ценовна стабилност на среден рок.

Како значаен стратегиски исчекор во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и започнувањето на подготовките за воведување инстант плаќања, со што дополнително се унапредува платежната инфраструктура и се зајакнува финансиската интеграција со Европската Унија.

Во рамките на Годишниот извештај е даден осврт на извршувањето на Програмата за работа на Народната банка, при што е оценето дека во текот на 2025 година успешно се остварени програмските активности. Покрај редовните процеси, се остварија и повеќе развојни проекти коишто овозможуваат воведување промени во работењето, со што е постигнат баланс помеѓу стабилноста, модернизацијата и интеграцијата. 

Советот заклучи дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година, беше остварен солиден раст на банкарските активности, при засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база.

Показателите за стабилноста на банкарскиот систем се поволни – капиталната позиција е дополнително зајакната, ликвидноста е на задоволително ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е подобрен, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2%. Истовремено, стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет на банкарскиот систем за справување со потенцијални шокови, што ја потврдува неговата отпорност и стабилност.

И покрај позитивните движења, во Извештајот се наведува дека ризиците од надворешното окружување и натаму постојат, особено во услови на изразени геополитички тензии и неизвесност на светските пазари, при што се нагласува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

На седницата, Советот донесе измена на Одлуката за задолжителна резерва, со којашто од обврската за задолжителна резерва се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезидентите во странска валута со договорна рочност над две години. Мерката има привремен карактер, со важност од две години, а е насочена кон поттикнување влез на долгорочен капитал од странство, како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на светска неизвесност. На седницата, Советот разгледа и други материјали поврзани со тековното работење на Народната банка.

Најнови вести од: Бизнис

Во училиште треба да има посебен предмет за финансиска едукација – ризиците се големи, вели главната економистка во НБРМ

Народната банка презема активности за подобрување на финансиската писменост на населението од сите возрасни групи, со посебен акцент на младите кои се во фаза на образование.

(Фото): Над 2.800 апликации за грантови за отворање на сопствен бизнис, инфо-денови во Ресен, Охрид и Кичево

Голем интерес има за јавните повици од мерката за Претприемништво – Самовработување со грант од Оперативниот план Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година, а минатата недела се пристигнати над 2.800 апликации, информираат од Министерството за економија и труд.

Модернизација на Железницата – Ќе се купуваат нови возови и електрични локомотиви

Со грант од еден милион евра од Светската банка почнува процесот на реформирање и модернизација на „МЖ-Транспорт“. Средствата се наменети за преструктурирање на претпријатието, додека паралелно се најавува набавка на нови патнички возови и најмалку пет електрични локомотиви.

За три години во Македонија влегле над 11 милиони килограми млеко во прав

Додека официјалните статистики покажуваат раст на увозот на млеко во прав, домашните производители на млечни производи тврдат дека на македонскиот пазар во моментов залихите на млеко се поголеми од побарувачката и дека млекото во прав речиси и не се користи во производството на млечните производи. Истовремено, бројките покажуваат дека домашното производство на кравјо млеко повторно расте, но сè уште не го достигнало нивото од пред неколку години.

(Фото): Младите во фокус на Оперативниот план за вработување, 58% од планот е наменет за нив

Јавните повици за мерката „самовработување“ од Оперативниот план за вработување за 2026 година се активни до 3 јули 2026 година, информираа од министерството за економија и труд по денешните информативен каравани во Куманово, Гевгелија и Кавадарци. Преку оваа мерка невработените можат да добијат грантови од 7.000 до 10.000 евра за отворање сопствен бизнис.

To top