Откако двапати (пре)лесно ја „преслуша“ Словачка, машката ракометна репрезентација на Македонија доби место во вториот вредносен шешир при извлекувањето на групите за јубилејното 30. Светско првенство што во јануари в година ќе се одржи во Германија.
Покрај „црвено-жолтите“, него ќе го сочинуваат уште Франција, Словенија, Норвешка, Србија, Шпанија, Италија и Фарските Острови, што значи избраниците на селекторот Кирил Лазаров нема да се сретнат со нив во прелиминарната фаза од шампионатот.
Носители на групи ќе бидат Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет и Аргентина.
Од третиот сад ќе бидат извлечени Полска, Грција, Бразил, Бахреин, Тунис, Зеленортски Острови, Чиле и САД, а од четвртиот Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола, уругвај и уште две селекции што ќе добијат вајлд-карта од ИХФ.
Ждрепката е закажана за 10 јуни во Минхен, а натпреварите ќе се одиграат од 13 до 31 јануари 2027 година.
Минхен, Штутгарт, Кил и Магдебург ќе бидат домаќини на првата фаза, Келн и Хановер на втората, во која по два најдобри тима од осумте групи ќе формираат четири нови со по шест репрезентации, а завршницата ќе се одигра во „Ланксес арената“ во Келн.