Бизнис

Николоски: Од денеска Аустриан Ерлајнс лета Виена – Охрид, голем чекор за развој на охридскиот аеродром

На Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид утрово слета првиот авион на „Аустријан ерлајнс“, со што официјално почна да функционира новата редовна авиолинија меѓу Виена и Охрид

На Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид утрово слета првиот авион на „Аустријан ерлајнс“, со што официјално почна да функционира новата редовна авиолинија меѓу Виена и Охрид, соопшти министерот за транспорт Александар Николоски.

Новата линија ќе сообраќа двапати неделно, секој четврток и недела, со што Охрид и охридскиот регион добиваат директна воздушна врска со австриската престолнина.

Според Николоски, воведувањето на линијата е значајно за развојот на охридскиот аеродром, имајќи предвид дека аеродромот во Виена претставува еден од најважните воздушни центри во Централна и Источна Европа.

Преку Виена, на патниците ќе им бидат достапни повеќе од 200 конектинг-летови кон 66 држави во Европа, Северна Америка, Азија и Африка.

Министерот посочува дека дополнително значење има и фактот што линијата ја оперира „Аустријан ерлајнс“, што, според него, претставува потврда за сериозноста на инвестицијата и за квалитетот на услугите што ќе им бидат понудени на патниците.

Со отворањето на новата линија, од охридскиот аеродром се реализираат вкупно 16 авиолинии, од кои 13 редовни и три чартер-линии.

Од Министерството очекуваат директната врска со Виена да придонесе за привлекување поголем број странски туристи, нови инвестиции и за економски развој на Охрид и поширокиот регион.

Николоски информира дека како резултат на владините мерки за поддршка досега се отворени 28 нови авиодестинации. Стратешка определба на Владата, како што наведува, е целосно искористување на капацитетите на меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид, преку проширување на мрежата на дестинации, привлекување нови авиокомпании и подобрување на услугите за патниците.

Паралелно се спроведува и целосна реконструкција на охридскиот аеродром, која треба да овозможи подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите и создавање услови за натамошен раст на бројот на летови и патници.

Целта е во текот на годинава преку двата македонски аеродроми да бидат опслужени повеќе од 3,5 милиони патници, а во наредните години бројката да надмине четири милиони патници.

Според Николоски, финансиската поддршка за привлекување нови авиокомпании и отворање нови линии треба да им овозможи на граѓаните полесно и побрзо патување до европските метрополи, но и да придонесе за развојот на економијата, образованието, културата, здравството и туризмот.

Најнови вести од: Бизнис

Депозитите во мај пораснаа за 8,6 %, кредитите за 13,4 %

Во мај, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, остварија месечно зголемување од 1,1 процент и 1,4 проценти, соодветно, при годишен раст од 11,2 проценти и 16,3 проценти, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити се повисоки за 1,7 проценти и 8,4 проценти на месечна и на годишна основа, соодветно.

Проверете на регистарот на е-трговци од кого купувате пред да платите онлајн

Регистарот добива дополнително значење ако се земе предвид континуираниот раст на е-трговијата во Македонија. Според анализата на АЕТМ на најновите податоци од Народната банка, во 2025 година вкупната вредност на онлајн-трансакциите достигна 950 милиони евра, што претставува раст од 32 % во однос на претходната година. Од нив, 522 милиони евра се слеале кон македонските е-трговци, а бројот на активни места на продажба за е-трговија е зголемен за 84 во однос на 2024 година.

Два златни медали и вкупно 18 награди за вината на „Тиквеш“ на најголемиот светски вински натпревар „Decanter“

Вината на Винарската визба „Тиквеш“ и годинава освоија високи признанија на еден од најпрестижните и највлијателни светски вински натпревари – „Decanter World Wine Awards 2026“

НБРМ: Клучен предизвик е прифаќањето на електронски плаќања кај малите бизниси

И покрај добрата дигитална подготвеност на граѓаните, прифаќањето на електронски плаќања кај малите трговци останува ограничено и претставува еден од најголемите предизвици за платниот систем во земјава, истакна вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски.

To top