Во првиот квартал од 2026 година, плаќањата со платни налози на граѓаните бележат раст од 10,3% кај бројот и 14,6% кај вредноста на извршените платежни трансакции. Значителен е растот на електронските плаќања, и тоа за 21,9% кај трансакциите и за 23% кај вредноста, во споредба со истиот период од 2025 година.
Најголемиот број од платежните трансакции иницирани по електронски пат во анализираниот период се извршени преку мобилни апликации (72,8%), при евидентиран годишен раст од 25,9%, што потврдува дека употребата на мобилниот телефон преовладува, како најбрз и наједноставен начин на плаќање.

Натамошни позитивни движења има и кај плаќањата со платежни картички. Бројот на плаќањата со картички е поголем за 12,2%, а нивната вредност за 14,5%. Растот кај бројот на плаќањата произлегува пред сѐ од платежните трансакции направени преку интернет (18,7%), како и од плаќањата на физичките места на продажба (11,7%). Растот на дигиталните плаќања се должи и на воведувањето нови платежни решенија од страна на банките, со кои на граѓаните им се овозможува поедноставно и побрзо плаќање преку мобилни уреди, без употреба на физичка платежна картичка. Дигитализираните картички учествуваат со 17,9% во вкупниот број издадени платежни картички во земјата, а преку секоја дигитализирана картичка се извршени, во просек, 4 трансакции со мобилен телефон во земјава, што укажува на постојано зголемување на користењето на мобилните плаќања и промена на навиките на граѓаните во полза на користењето на придобивките од дигитализацијата.
Наведените податоци потврдуваат дека дигитализацијата на платежните услуги напредува, при што електронските плаќања и платежните картички имаат сè позначајна улога во секојдневните финансиски активности на граѓаните. До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: Платежна статистика на Народната банка.