Македонија железнички ќе се поврзе и со Албанија. Работиме и на железничко поврзување како продолжение на активностите од проектот „Градски воз“, рече вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Тој информира дека заедно со Европската унија во рамки на Планот за раст веќе интензиво се работи на документација за железничко поврзување на Скопје со Тетово и Гостивар во прва фаза, со Кичево во втора, а во трета фаза со Охрид, Струга и Република Албанија.
Според министерот за транспорт, идејата за меѓуградски возови треба да растовари сообраќајот, да го намали метежот и загадувањето. Тој се надева првите конкретни чекори на овој план да бидат направени следната година, а проектот да биде завршен за неколку години.
- „Мојата идеја и еден вид сон е да направиме меѓуградски возови, нешто што многу ќе го растовари сообраќајот, ќе го намали метежот и загадувањето. Интензивно се работи тој проект и се надевам дека веќе следна година ќе можеме да ги видиме првите конкретни работи и за неколку години да може за половина час да се оди од центар на Тетово до центар на Скопје со едно пријатно возење“, рече Николоски посочувајќи дека овие активности ќе бидат продолжение на проектот „Градски воз“ кој се спроведува во Скопје.
Во однос на изградбата на автопатот Тетово-Гостивар, министерот изјави дека следната година треба да бидат готови првите километри, а доколку работите одат според сегашната динамика, делницата треба да биде целосно готова во 2028 година. Според Николоски, сите прашања поврзани со експропријацијата на земјиштето се завршени и оти сега се решаваат работи поврзани со дислокација на далноводите од електроенегетската мрежа.