Албанија нема да го искористи правото на вето против Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, дури и ако претходно стане членка на Унијата.
Ова го порача албанскиот премиер Еди Рама за време на младинскиот камп „RinCamp 2026“ во Јал, одговарајќи на прашање на студент од Скопје.
„Албанија нема да му наметне вето никому и никаде. Имаме целосен интерес работите во Северна Македонија да се развиваат што е можно подобро. Исто така, ни е важно односите меѓу Македонците и Албанците да бидат братски и да се темелат на хармоничен соживот“, истакна Рама.
Тој оцени дека демократскиот развој не е линеарен процес, туку пат исполнет со предизвици, подеми и падови, додавајќи дека Албанија го посакува најдоброто за Северна Македонија и нејзината европска перспектива.
Рама повторно ја критикуваше практиката на користење вето во евроинтегративниот процес, нарекувајќи ја „заложнички механизам“ кој е неконструктивен и спротивен на духот на европското обединување.
Тој се осврна и на потребата од поинаков пристап на Европската Унија кон земјите кандидати, посочувајќи дека Планот за раст на ЕУ веќе отвора простор за порано вклучување на кандидатите во европските процеси на одлучување.
„Политички, Европа треба да се обедини сега, а потоа секоја земја да ја исполни својата должност“, рече албанскиот премиер.
Рама оцени дека Албанците во регионот денес се наоѓаат во најповолна позиција во својата понова историја и повика тој напредок да се зачува и понатаму.