Германското Министерство за внатрешни работи го крена нивото на безбедносен ризик од „апстрактна“ на „висока“ закана од напади, врз основа на разузнавачки податоци.
Министерот Александар Добринт изјави дека има „јасно видливи закани“ за инфраструктурата, институции и поединци, но одби да наведе конкретни детали.
Германија во изминатите години почесто беше цел на напади и убиства.
Во декември 2024 година саудиски лекар со автомобил удираше пешаци на божиќниот пазар во Магдебург. Шест лица загинаа, а стотици беа повредени. Претходно сириски државјанин инспириран од Исламска држава со нож нападна посетители на фестивал во Солинген. Службите за безбедност неодамна спречија напад планиран од бомбаши регрутирани од странски разузнавачки служби.
Зачестија и нападите од домашни левичарски екстремисти. Групата Вулкан ја презеде одговорноста за пожар подметнат во Берлин, а Angry Birds Commando за поставувањето бомби во каналите за кабли близу железничката пруга Келн-Дизелдорф.
Министерот Добринт најави сеопфатни законски реформи со кои првпат експлицитно би им се дозволило на разузнавачките службите директно да интервенираат во итни ситуации – да упаѓаат во домови и да вршат претреси, наместо само да собираат и да анализираат информации.