Бизнис

Скопје станува регионален центар за европска сертификација на финансиски професионалци

АБИТ и ЕФПА Луксембург започнуваат стратешко партнерство преку кое во регионот ќе бидат достапни меѓународни програми за финансиско образование и професионална сертификација. Ова нуди посебна вредност за студентите на Хајделберг факултет Скопје.

Академијата за банкарство и информатичка технологија – АБИТ го официјализираше рамковниот договор за стратешкото партнерство со ЕФПА Луксембург, преку кое Скопје се позиционира како регионален центар за обука и професионален развој на финансиски експерти од Адриа-регионот. Партнерството, кое ќе се реализира и преку платформата LI4FE -Институт за финансиско образование Луксембург, предвидува развој и спроведување меѓународно усогласени програми за финансиско образование и професионална сертификација.

Преку соработката, АБИТ ќе има улога на регионален центар за обука и оперативен партнер, задолжен за идентификување на потребите на пазарот, организација на програмите и испитите и приспособување на содржините кон регулаторниот и економскиот контекст на земјите од регионот. ЕФПА Луксембург ќе обезбедува стручна и научна поддршка, образовни содржини, испити, професионални стандарди и пристап до дигиталната инфраструктура на LI4FE.

  • „Овој договор е повеќе од институционално партнерство. Од Скопје градиме центар кој ќе ги поврзе академското знаење, потребите на финансискиот сектор и меѓународните стандарди на ЕФПА. Преку АБИТ и Хајделберг факултет Скопје, студентите уште во текот на студиите ќе можат да се подготвуваат за релевантна ЕФПА сертификација и за кариера на европскиот пазар“, изјави проф. д-р Синиша Наумоски од АБИТ / Хајделберг факултет Скопје.

Програмите ќе бидат наменети за професионалци од банкарскиот и финансискиот сектор, но и за студенти кои сакаат да ги развиваат компетенциите потребни за современиот европски финансиски пазар. Тие ќе опфаќаат повеќе области, меѓу кои инвестициско и финансиско советување, приватно банкарство и финансиско планирање, управување со финансиски ризици, усогласеност, етика и финансиска регулатива, одржливи финансии и ESG, финансиска анализа, кредитирање, финтек и финансиски иновации.

Наставата ќе се реализира преку комбинација од обука во живо, онлајн-модули на платформата LI4FE, практични работилници, вебинари и виртуелни училници. Кандидатите ќе можат да се стекнат со соодветна меѓународна ЕФПА професионална сертификација по исполнување на предвидените услови и успешно положен завршен испит. Првата фаза ќе започне со програми на англиски јазик, а паралелно ќе се работи на нивно приспособување на македонски, црногорски и словенечки јазик. Почетниот фокус ќе биде на Македонија и Црна Гора, по што е планирано постепено проширување кон Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и други пазари од регионот.

  • „Адриа-регионот има јасна потреба од висококвалитетно, практично и континуирано професионално образование во финансиите. Со поврзување на регионалниот капацитет на АБИТ, меѓународните стандарди на ЕФПА Луксембург и дигиталната инфраструктура на LI4FE, можеме да им помогнеме на финансиските професионалци да ги развијат знаењата, етиката и компетенциите што ги бара современиот пазар“, изјави Роџер Х. Хартман претседател и основач на ЕФПА Луксембург.

Нова можност и за студентите на Хајделберг факултет Скопје

Посебен дел од партнерството е вклучувањето на Хајделберг факултет Скопје, каде што сертификациската патека на ЕФПА ќе биде интегрирана во соодветните делови од студиските програми. На тој начин, студентите паралелно со академското образование ќе можат да развиваат практични компетенции и да се подготвуваат за релевантна меѓународна ЕФПА сертификација.

Моделот создава директна врска меѓу високото образование, практичната подготовка и потребите на финансискиот сектор, а стекнувањето на сертификацијата ќе биде условено со исполнување на предвидените професионални критериуми и успешно положен испит. Со партнерството, АБИТ и Хајделберг факултет Скопје ја зајакнуваат позицијата на Скопје како регионална точка за современо финансиско образование, професионален развој и меѓународна сертификација.

За АБИТ

АБИТ – Академија за банкарство и информатичка технологија е центар за обука и професионален развој на финансиски експерти и студенти, со фокус на практично образование, банкарство, финансии и информатичка технологија.

За ЕФПА Луксембург

ЕФПА Луксембург е непрофитна професионална асоцијација во областа на обуката и сертификацијата на финансиски професионалци, а LI4FE е нејзина платформа за дигитално учење и развој на финансиски компетенции.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

To top