Пишува: Свето Тоевски
Донесувањето на Правниот акт 2366 на денешен ден, на 7 септември 1938 година претставуваше врв на државниот терор на Метаксасовиот режим врз македонското население во Егејскиот дел на Македонија, во Грција. Законот на Метаксас за забрана на македонскиот јазик во Грција претставува еден од најжестоките акти на систематска асимилација и денационализација на Македонците во Егејска Македонија. За разлика од претходните обиди за асимилација, овој акт изврши брутална инвазија во најприватната сфера на поединецот — во неговиот дом и во семејното огниште. Тој воведе строги казни за секој изговорен македонски збор: парични казни, присилно пиење рицинусово масло, затвор и депортација на пусти острови. Селата во Егејска Македонија беа преплавени со шпиони, а децата беа принудувани да ги кодошат сопствените родители, ако проговорат дома на мајчин јазик. Овој закон предизвика длабока колективна психолошка траума, создавајќи страв, кој се пренесуваше со генерации.

Со овој закон се вовела целосна и строга забрана за употреба на македонскиот јазик, не само во јавната сфера, туку и во приватниот и семејниот живот. Владеела целосна репресија: забраната важела насекаде — на пазарите, во секојдневната комуникација, на свадби, погреби, па дури и во сопствениот дом. Полициски патроли прислушувале по прозорците на куќите, за да фатат некого како зборува на македонски. Биле изрекувани драконски казни: За секој искажан македонски збор следувале ригорозни казни: високи парични глоби, јавно понижување. Во оваа смисла „специјална“ била тортурата со рицинусово масло: во костурските села била редовна пракса изведувањето на селаните среде село, каде што локалните жандарми ги принудувале да пијат рицинусово масло пред сите како казна за зборување на мајчиниот јазик. Присилното пиење големи количества рицинусово масло било вршено, за да добијат жртвите силен и неконтролиран пролив, или им било плукано во уста. Целта на грчките жандарми била жртвите јавно да се понижат, да го изгубат достоинството пред сопствените сограѓани и да се испрати јасна порака до целото село. Покрај тоа, тие биле физички малтретирани и претепувани.

Имало масовни апсења и интернации: повеќе од 5.000 Македонци биле осудени, затворени, или депортирани во интернација на пустите грчки острови под обвинение за „дејствување против државната безбедност“. Македонското население, без оглед на возраста, било присилно праќано на т.н. „вечерни училишта“ за да го учи грчкиот јазик. Една од главните цели била бришење на македонскиот идентитет: напоредно со јазичната репресија, биле сменети сите преостанати македонски топоними, имиња на села, градови, цркви, па дури и личните имиња и презимиња на луѓето, кои морале да бидат хеленизирани.Овој период оставил длабоки историски трами кај македонското население во Грција, принудувајќи ги генерациите да го потиснат сопствениот мајчин јазик во страв за својата егзистенција.

Забраната за употреба на македонскиот јазик за време на Метаксасовата диктатура (1936–1941) била особено брутална во регионите, каде што македонското население било доминантно — Костурско, Леринско и Воденско. Како резултат на законот, овие региони биле подложени на воен и полициски терор, но истовремено во нив се родил силен тивок и организиран отпор. Леринскиот регион важел за едно од најцврстите македонски јадра, поради што притисокот тука бил најекстремен. Се организирало полициско шпионирање под прозорците на куќите: во леринските села жандармите ноќе кружеле околу куќите и прислушувале под прозорците, за да откријат дали семејствата меѓу себе зборуваат на македонски јазик. Бил вршен терор дури и врз македонските деца: во училиштата децата биле физички казнувани, тепани со прачки по рацете и јавно понижувани, ако изустеле македонски збор при играње во дворот.
Имало и специјални „јазични“ полициски пунктови на пазарите: на пазарот во градот Лерин, полицијата стоела меѓу селаните. Селанот кој не ќе знаел да каже „домати“ или „пиперки“ на грчки, не смеел да продава и бил директно спроведуван во полициска станица. Костурскиот регион претрпел масовни депортации: илјадници Македонци од овој крај биле уапсени под обвинение за „словенски национализам“, само затоа што биле фатени и чуени како зборуваат македонски јазик. Потоа без судење биле интернирани на пустите грчки острови (Макронисос, Агиос Ефстратиос, Анафи). Во овој регион интензивно се спроведувало кршењето и стружењето на македонските натписи од надгробните плочи во црквите и гробиштата. Во Воденско имало „задолжителни вечерни училишта“: стари луѓе од по 70 и 80 години од воденските села биле принудувани по цел ден работа на нивите, навечер пешки да одат со километри до т.н. „вечерни училишта“ за да учат грчки букви. Оние кои нема да се појавеле, плаќале огромни парични глоби. Не случајно била забранувана и македонската песна: на традиционалните селски слави во Воденско, градските музичари добиле строга наредба да не свират македонски ора. Доколку некој запеел македонска песна, веднаш следело апсење на целата тајфа.

Австралискиот новинар и автор Берт Биртлс (1900 –1994) во својата книга од 1938 година со наслов „Грција постојано ги прогонува Македонците“ пишува дека тоа што германските нацисти им го правеле на Евреите, тоа им го правеле и грчките фашисти кон Македонците. Биртлс бил дописник на весниците „Дејли телеграф“, „Сан“ и „Сандеј телеграф“. Заедно со својата сопруга Дора, престојувал една година во Грција. И двајцата патувале низ целата земја, истражувајќи ја политичката ситуација. Биле сведоци на политичките борби, како и на прогонот и тортурата врз илјадници луѓе, меѓу кои и Македонците, во злогласните логори на островите Гавдос, Анафи и други.

Споредувајќи го грчкиот прогон на Македонците во Грција со германскиот прогон на Евреите, Биртлс запишал: „Преку својата изопачена нечовечност грчката диктатура го имитира германскиот и италијанскиот модел, но таа таа веќе има развиено и свој посебен бренд на шовинизам. Грција нема Еврејски проблем, но ги има Македонците. Во име на ‘хеленизацијата’ грчките власти постојано ги прогонуваат овие луѓе и ги апсат поради најнечуени причини. За да всади во нив соодветен [грчки] националистички дух, Метаксас го употребува методот со менување на изворните, македонски имиња на местата во грчки и преку забранување Македонците] да го употребуваат својот мајчин [македонски] јазик. А ако покажат и најмал отпор спрема указот (на Метаксас од 7 септември 1938 година – л.заб.) селаните-Македонци се прогонувани без судење, бидејќи и тоа се смета како закана за безбедноста на државата,. Навистина, има многу малку политички затвореници, без разлика дали Македонци или Грци, кои се формално обвинети за некакво кривично дело.“
И покрај жестокиот фашистички терор на грчката диктатура на генералот Метаксас, уследиле реакции и отпор од македонското население кон споменатиот закон. Македонците не се откажале од својот идентитет и јазик. Отпорот се манифестирал на неколку начини: „јазичен отпор“ во домовите: домовите станале тврдини на македонскиот јазик. Повозрасните строго ги заветувале децата да го зборуваат македонскиот јазик веднаш штом ќе се затвори домашната врата, со цел јазикот да не изумре кај новите генерации. Биле создавани таен јазик и шифри: Македонците почнале да користат посебни шифри и знаци за да се предупредат меѓу себе кога во близина има грчки жандарм или локален шпион („гркоман“). Се разговарало со шепотење и во затворени простории.
Политичкиот отпор на Македонците започнал да се пројавува и преку Комунистичката партија на Грција: многу млади Македонци од Леринско и Костурско почнале да се приклучуваат на левичарските движења и Комунистичката партија на Грција (КПГ), која во тој период (иако и самата илегална под Метаксас) ветувала национална рамноправност и признавање на правата на Македонците. Ова била основата за партизанското движење: овој тивок отпор и револуционерен македонски гнев, насобран во времето на Метаксас, експлодирал веднаш по започнувањето на Втората светска војна (1941), кога Македонците масовно се организирале во вооружени чети (Славомакедонскиот народен ослободителен фронт – СНОФ, а подоцна и НОФ) за да се борат за својата слобода.
Правниот акт 2366 на грчкиот фашистички диктатор Јоанис Метаксас не успеа целосно да го искорени македонскиот јазик, но успеа да го осакати неговиот природен развој.