Спорт

Вардар тесно поразен во Германија во враќањето во Лигата на шампионите

Двократниот европски првак загуби со 33:31 кај Мелсунген во својот прв меч во најсилното клупско натпреварување по 4,5 години

Ракометарите на Вардар му дадоа силен отпор на германскиот бундеслигаш Мелсунген во своето враќање во Лигата на шампионите по 4,5 години, претрпувајќи тесен пораз од 33:31 во Касел на стартот од најсилното европско клупско натпреварување.

Бодрен од голема група македонски навивачи на трибините, двократниот освојувач на ЛШ замина на одморот со минимална негатива од 16:15, а благодарејќи на шесте одбрани на својот капитен Васил Гогов во второто полувреме се врати од негатива од пет гола (24:19) до само еден погодок (28:27) во 51. минута.

Небојша Симиќ, сепак, го спречи целосниот кам-бек на „црвено-црните“ со неколку клучни одбрани во завршницата од своите вкупно 11 успешни интервенции и шансата за избегнување пораз од гостите отиде неврат.

Десното крило Вукашин Воркапиќ беше најефикасен кај македонскиот првак со 9 гола од 11 обиди, пред бекот Леон Љевар со 7/10.

Во следниот круг од групата Б составот на Иван Чупиќ на 16 септември од 18:45 часот ќе го пречека Нант, кој синоќа славеше со 26:25 дома против Висла Плоцк.

 

 

Најнови вести од: Спорт

To top