Управата за јавни приходи, во соработка со Министерството за финансии, е во напредна фаза од воведувањето на системот за е-фактура, а задолжителната фазна примена треба да започне во текот на 2027 година, најави директорката на УЈП, Елена Петрова. До крајот на 2026 година се очекува да биде донесен законот, да заврши имплементацијата на софтверот и хардверската инфраструктура и да започне доброволното користење на е-фактурата, наведе Петрова, која говореше на панел дискусијата во рамките на „Охрид 2026“, насловена „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“.
Една од најголемите промени што ќе ги донесе системот, спред Петрова, е начинот на кој даночната администрација ќе ги добива и обработува податоците. Наместо агрегирани податоци од даночните пријави, УЈП преку е-фактурата ќе располага со структурирани податоци за секоја поединечна трансакција и фактура – за продавачот, купувачот, артиклите и другите даночни показатели важни за оданочувањето.
Клучна промена е и брзината на пристап до информациите. Додека сега податоците преку даночните пријави се добиваат по завршувањето на месецот, тримесечјето, односно на даночниот период, со е-фактурата тие ќе бидат достапни во реално време, со самото издавање на фактурата. Тоа, според Петрова, ќе овозможи и значително поинаков систем на даночна контрола. Дел од контролите ќе можат да бидат автоматизирани и вградени во самите процеси, со што ќе се намали можноста за намерни или ненамерни грешки и доставување неточни податоци.
Со вкрстување на информациите од е-фактурата со податоците што УЈП веќе ги добива од банките, Царината, фискалните уреди и други извори, ќе се создадат подобри можности за анализа на ризиците, откривање невообичаени шеми и поврзаности меѓу компании и препознавање сомнителни трансакции. Петрова посочи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го стесни просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање. Целта, како што нагласи, е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација чие работење и носење одлуки ќе се базираат на управување со податоци и анализа на ризици.