Бизнис

Славески: Се стабилизира растот на цените на становите, мерките на НБ поддржуваат прво купување дом

Гувернерот нагласи дека побарувачката на кредити и натаму е висока, иако бележи извесно забавување, укажувајќи дека тоа засега не се одразува негативно врз квалитетот на кредитното портфолио на банките.

Народната банка останува посветена на олеснувањето на условите за купување прво живеалиште, а се очекува новите макропрудентни мерки, коишто ќе стапат во сила од 1 декември годинава, и понатаму да делуваат превентивно со цел поттикнување на одржливо задолжување на домаќинставата. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во емисијата „Бизнис објектив“ на ТВ Телма, во која зборуваше за мерките што ги презема централната банка во областа на станбеното кредитирање, со цел да се одржи стабилноста на финансискиот сектор и да се заштитат граѓаните од презадолжување.

Славески посочи дека Индексот на цените на становите во Скопје, којшто Народната банка го објавува на квартално ниво, покажува знаци на стабилизирање на цените. Годишниот раст на индексот во третиот квартал годинава, во споредба со истиот квартал минатата година, забави на 10,3 отсто, ниво што е блиску до состојбата забележана во 2023 година, односно пред пандемијата. Според Славески, ваквите движења ја зајакнуваат преговарачката позиција на купувачите. „Тоа им оди во прилог на лицата и на домаќинствата што се на страната на побарувачката на станови. Се зголемува нивната преговарачка моќ и тие можат да издејствуваат пониска цена“, рече гувернерот.

Народната банка презема мерки за намалување на можноста за презадолженост на граѓаните, но и за да им излезе во пресрет на оние што се најранливи и на кои им е потребно живеалиште. „Уште минатата година кажав дека становите и куќите, пред сè, треба да бидат објекти за живеење, а дури потоа објекти за инвестирање“, нагласи Славески.

Од декември минатата година, кога стапија во сила претходните макропрудентни мерки на Народната банка, застапеноста на кредитите за прво купување дом е зголемена, коишто според гувернерот, учествуваат со 25 отсто во вкупниот број одобрени кредити. Тој посочи дека врз стабилизирањето на цените на становите влијаат и движењата на доходите и ниската инфлација.

Гувернерот укажа и на појавата што ја забележале со зголемување на роковите за отплата на кредитите по заострувањето на мерките за купување втор и трет стан и оти половина од новоодобрените кредити годинава се со рок на отплата подолг од 25 години. Поради тоа, со најновите мерки, коишто ќе стапат во сила од 1 декември годинава, Народната банка го ограничува максималниот рок на отплата на кредитите за купување втор и следен стан од 30 на 25 години, додека за прво купување стан останува можноста за рок на отплата до 30 години.

Гувернерот нагласи дека побарувачката на кредити и натаму е висока, иако бележи извесно забавување, укажувајќи дека тоа засега не се одразува негативно врз квалитетот на кредитното портфолио на банките.

Најнови вести од: Бизнис

Гувернерот на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка

Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за состојбите во глобалната економија, финансиската стабилност, монетарната и фискалната политика, развојното финансирање и предизвиците со кои се соочуваат земјите членки.

Шведскиот пазар како следен чекор за македонските брендови, Бизнис Арена ги поврзува компаниите со нови можности за раст

„Бизнис Арена 2026“ на 14 октомври во DoubleTree by Hilton Skopje ќе ги обедини компаниите, експертите и деловните партнери околу можностите за раст и настап на нови пазари.

АЛТА банка со нова промотивна понуда за штедење во денари и евра

Без разлика дали штедите за нов дом, семејни планови, важна животна цел или едноставно сакате вашите заштеди да растат, АЛТА банка ви нуди можност да го направите следниот чекор со избор на денарски и девизни депозити со фиксни каматни стапки.

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Најнови вести

To top