Ракометарите на Вардар останаа покуси за еден гол во возвратниот натпревар со Висла во Полска, кој домашниот тим го доби со 33:32 во четвртото коло од групата Б во Лигата на шампионите.
Македонскиот првак со натчовечки напори стигна до возбудлива завршница, но немаше време за уште еден напад за евентуално избегнување на поразот „најавен“ со серијата на противникот од 5:5 до 14:6 меѓу 11. и 21. минута.
До крајот на првото полувреме „црвено-црните“ намалија на 16:13, во второто стигнаа и до -1, но тоа беше максимумот што можеа да го извлечат пред 3.420 гледачи во арената „Орлен“, откако Вукашин Воркапиќ го постави конечниот резултат од седмерец 12 секунди до крајот.
Најдобриот вардаров ракометар Јака Малус беше прв стрелец кај двократниот освојувач на ЛШ со 9 гола, пред Воркапиќ со 8, Леон Љевар со 5 итн.
Вториот пораз од Висла, вкупно четврти во групата, и теоретски го заврши настапот на вардарци во ова издание на елитното клупско натпреварување, бидејќи Вардар е последен на табелата без бодови, а Нант и Висла на врвот се недостижни со по 6, два повеќе од Мелсунген.
Токму германскиот бундеслигаш на 28 октомври ќе гостува во арената „Јане Сандански“ во претпоследното коло.