Првиот женски рекет на Македонија, Лина Ѓорческа, успешно го почна својот настап на тенискиот турнир во Истанбул, кој се игра на тврда подлога и за награден фонд од 40.000 американски долари, елиминирајќи ја третата носителка Берфу Ченгиз од Турција.
Ѓорческа, неделава 370. на ВТА-листата во сингл, славеше со 3-6, 7-6 (1), 6-4 над домашната натпреварувачка рангирана на 244. место, и тоа враќајќи се од 0-3 во гемови во третиот сет и искористувајќи ја првата меч-топка по 2:03 часа игра.
Следна пречка за 32-годишната тетовка и прва Македонка што заиграла на главниот турнир на гренслемот во Вимблдон в четврток претпладне ќе ѝ биде Ралука Георгина Шербан (401.) од Кипар.