Шампионот Вардар славеше убедлива победа од 31:23 против вечниот ривал Пелистер во дербито на деветтото коло од Суперлигата во арената „Јане Сандански“ во Скопје.
Гостите од Битола одржуваа резултатски приклучок до 16:15 за „црвено-црните“ во почетокот од второто полувреме, но разликата на теренот до крајот на мечот ја направи вардаровиот голман Васил Гогов. Откога влезе во игра при крајот на првото полувреме тој забележа 6 успешни интервенции, меѓу кои и еден одбранет седмерец, а успеа и два пати да погоди од гол на гол.
Левиот бек на домашниот тим Леон Љевар беше најефикасен во победничката екипа со 7 погодоци, еден повеќе од Жоао Педро да Силва, а на спротивната страна капитенот Филип Кузмановски седум пати се запиша во листата на стрелците.
Вардар останува единствената екипа со максимален ефект, зацврстувајќи се на врвот на табелата со 18 бода, пред Алкалоид со 16, Еурофарм Пелистер и Охрид имаат по 15 итн.