Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, денеска, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, ќе му го предаде на премиерот Христијан Мицкоски.
По врачувањето на документот, Мицкоски и Рокас ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија-центарот на Владата.
Извештајот беше презентиран вчера во Брисел, а во него Европската комисија наведува дека Македонија постигнала значителен напредок во спроведувањето на Реформската агенда, но нагласува дека усвојувањето на уставните измени останува неопходен услов за продолжување на евроинтегративниот процес.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека целта на Комисијата останува отворање на првиот преговарачки кластер веднаш по исполнувањето на условите.
„Сега тоа зависи од Северна Македонија“, истакна Кос.
За Кос Македонија е „меѓу најподготвените кандидати за ЕУ“, ама уставните измени остануваат услов за напредок!