Бизнис

Дали растот на каматите од Европската централна банка може да ја запре инфлацијата?!

Европската централна банка ги зголеми трите клучни каматни стапки за 0,25 процентни поени, потег што може директно да се одрази и врз дел од кредитите во Македонија, особено оние во евра и со евро-клаузула чија камата е врзана за ЕУРИБОР. Од 16 септември депозитната стапка на ЕЦБ ќе изнесува 2,50 проценти, стапката за главните операции за рефинансирање 2,65 проценти, а маргиналната кредитна стапка 2,90 проценти. ЕЦБ ја образложи одлуката со продолжените инфлациски притисоци, предизвикани пред сè од поскапувањето на енергијата и конфликтот на Блискиот Исток.

Европската централна банка повторно ги зголеми каматните стапки, обидувајќи се да спречи растот на цените на енергенсите да се претвори во долготрајна инфлација. Но, со тоа Европа се соочува со двоен притисок – поскапа енергија и поскапо задолжување. ЕЦБ ги зголеми трите клучни каматни стапки за 0,25 процентни поени, со што депозитната стапка достигна 2,5 проценти. Ова е второ зголемување во последните три месеци. Одлуката доаѓа во момент кога енергетскиот шок повторно ги притиска европските економии. Цената на суровата нафта „Брент“ повторно се искачи над 100 долари за барел, додека природниот гас бележи уште подраматичен раст. Во меѓувреме, инфлацијата во еврозоната во август достигна 3,3 проценти, наспроти 2,9 проценти во јули. Особено силен е растот кај енергенсите, чии цени се зголемиле за 14,3 проценти на годишно ниво- објави Еуроњуз.

За македонските граѓани најважен е ЕУРИБОР, референтната каматна стапка што банките ја користат кај дел од станбените и другите кредити во евра или со евро-клаузула. Шестмесечниот ЕУРИБОР во почетокот на годинава изнесуваше 2,105 проценти, а на 9 септември веќе достигна 2,80 проценти. Само од почетокот на јули порасна од 2,554 на околу 2,8 проценти. Тоа значи дека кредитите со променлива каматна стапка врзана за ЕУРИБОР може да добијат повисока месечна рата при следното редовно усогласување на каматата.

Поскапувањето не се однесува на сите кредити. Кај договорите со фиксна каматна стапка нема автоматска промена, а кај променливите зависи која референтна стапка е наведена во договорот, колкава е банкарската маржа и на кој период банката ја усогласува каматата. Ефектот затоа нема да се почувствува истовремено кај сите должници. Кај кредит кој се ревидира на секои шест или 12 месеци, новата стапка ќе се пресмета дури кога ќе дојде договорениот датум за усогласување.

Растот на ЕУРИБОР веќе покажува дека европскиот банкарски пазар подолго време го вградува очекувањето за повисоки камати. Новата одлука на ЕЦБ дополнително го намалува просторот за брзо враќање кон поевтино задолжување.

Одлуката има пошироко значење и за Македонија. Денарот се одржува стабилен во однос на еврото, поради што движењата во монетарната политика на ЕЦБ се важни и за Народната банка. Тоа не значи дека домашната централна банка автоматски ќе ги следи сите одлуки од Франкфурт, но подолг период на високи европски камати го ограничува просторот за брзо намалување на домашните стапки. ЕЦБ сега очекува просечна инфлација од 3 проценти во еврозоната во 2026 година, 2,5 проценти во 2027 и 2,1 проценти во 2028 година. Банката не најави однапред дали ќе следува уште едно зголемување, туку одлуките ќе ги носи според новите податоци за инфлацијата и економијата.

За македонските граѓани со кредити во евра клучно ќе биде токму следното движење на ЕУРИБОР. Ако европските камати останат високи или продолжат да растат, кај кредитите со променлива камата ќе се зголеми и ризикот од повисоки месечни рати.

Најнови вести од: Бизнис

Поскапите горива ја кочат европската економија, компаниите најавуваат нови поскапувања

Поскапувањето на енергенсите дополнително ја усложнува состојбата. Цената на нафтата „брент“ денеска достигна 114,10 долари за барел, највисоко ниво во последните пет месеци.

Западен Балкан треба да се гледа како единствен пазар, а не како шест одделни економии, вели Азески

Поголемата регионална поврзаност, според Азески, може да им овозможи на компаниите полесен пристап до поширок пазар, нови деловни партнерства и подобри услови за раст и извоз. Притоа, регионалната интеграција и постепеното приближување кон европскиот пазар треба да се третираат како поврзани процеси.

Коридорот 8 и Коридорот 10 носат економски напредок и политичка стабилност, вели Николоски

Стратешка политика на Владата е развој на овие два коридори, се обрати заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на панел дискусијата на тема “Стратешка сигурност и стабилност – ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност”, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.

Годишен раст од 9,2% на вкупните депозити и од 14,1% на вкупната кредитна поддршка во спетември

Според податоците на Народната банка, вкупните депозити на годишна основа се повисоки за 9,2%, при што зголемување бележат и депозитите на домаќинствата и на корпоративниот сектор.

To top