Бизнис

Ќе мрдне ли од мртва точка изградбата на историските хидроцентрали „Чебрен и Галиште“?!

Во наредните еден-два месеца ќе се знае како ќе се реализира проектот за „Чебрен“ и „Галиште“ – дали ќе биде целосно државна инвестиција или ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство. Министерката за енергетика Сања Божиновска се согласува со тоа дека најдобро е да биде домашна инвестиција, но вели се работи за голема инвестиција и треба реално да се видат финансиските можности во Буџетот.

Проектот за изградба на хидроенергетските капацитети „Чебрен и Галиште“ повторно се актуализира во јавноста, но и натаму останува неизвесно дали и како државата ќе може да го реализира. Иако Владата испраќа сигнали дека проектот не е напуштен, конкретни одлуки засега нема, а клучната дилема останува – државна инвестиција или јавно-приватно партнерство. Прашањата се отворија откако премиерот, во изминатиот период, престојуваше во Обединетите Арапски Емирати и на Светскиот економски форум во Давос, каде што, според најавите, се разговарало и за можни инвеститори.

Дали државата веќе бара партнер за еден од најкапиталните енергетски проекти во историјата? Министерката за енергетика, Сања Божиновска, вели дека во наредните два до три месеци се очекуваат повеќе информации, но нагласува дека финансиската состојба на државниот буџет е сериозен ограничувачки фактор. Проектот, проценет на над една милијарда евра, според неа, е исклучително значаен, но и исклучително скап.

  • Најубаво е да биде наша инвестиција, но мораме да ги видиме реалните финансиски можности – посочува Божиновска, додавајќи дека и средствата од британскиот кредит се една од опциите кои сè уште се разгледуваат.

Таа не ја исклучува ниту можноста за вклучување на странски партнери, доколку тоа се покаже како најреално решение. Дополнителен аргумент за внимателен пристап е и долгиот рок на реализација – проектот би се градел од седум до десет години, што значи долгорочно буџетско оптоварување и политичка одговорност што ќе ја надмине мандатната рамка на една влада.

Имено, за годинава се планирани околу 650 милиони евра за капитални инвестиции, но реалноста, според процените, покажува дека околу 450 милиони евра се реално остварливи. Тоа остава простор од околу 200 милиони евра кои или ќе се пренаменат или нема да се реализираат. Прашањето е дали „Чебрен и Галиште“ би можеле да се финансираат во период од десет години, со по околу 100 милиони евра годишно од буџетот. Божиновска одговара дека таквата логика е разбирлива, но потсетува дека енергетиката не е единствениот сектор со крупни апетити.

  • Не само ова министерство, туку и здравството, транспортот и други ресори имаат капитални проекти. Треба да видиме што е приоритет на ниво на држава – вели таа.

Останува впечатокот дека „Чебрен и Галиште“ се високо на листата на желби, но не и единствени. Во услови на ограничен буџет, Владата ќе мора да избира меѓу „желботеката“ и реалните финансиски можности. Дали државата ќе собере храброст и средства самостојно да го реализира проектот, или ќе се отвори вратата за јавно-приватно партнерство, останува прашање на кое одговорот допрва ќе се кристализира. Дотогаш, „Чебрен и Галиште“ остануваат симбол на потенцијалот, но и на долгогодишното одложување на стратешките енергетски одлуки.

Најнови вести од: Бизнис

По СЕПА, инстант плаќањата се следниот чекор во модернизацијата и регионалното поврзување на платниот систем

Крајната цел е премин од стандардни кон инстант плаќања во денари и евра и интегрирање на домашниот платен систем во поврзан регионален и европски платежен екосистем.

Министерката за финансии најави буџет од 7,2 милијарди евра за 2027

За капитални расходи во 2027 година се предвидени околу 663 милиони евра. Средствата треба да се насочат кон патната и железничката инфраструктура, образованието, енергетиката и комуналните проекти. За пензии се издвојуваат дури 2 милијарди евра.

Од 2027 нова обврска пред патување во Шенген зоната – се воведува системот за одобрување на патување

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во писмо испратено до земјите членки пред октомврискиот состанок на Европскиот совет најавила дека ETIAS се очекува да биде активиран следната година.

HELLENiQ ENERGY инвестира над милијарда евра во обновливи извори и складирање енергија во Романија

HELLENiQ ENERGY ја забрзува својата регионална експанзија со планирани инвестиции од над една милијарда евра во Романија до 2030 година, насочени кон развој на обновливи извори и системи за складирање енергија. Со целно портфолио од 1,3 GW, Романија станува вториот најзначаен пазар за раст на компанијата, по Грција.

Мисијата на ММФ во посета на Народна банка

Посетата е дел активностите на ММФ со земјите членки и претставува можност за размена на мислења и разгледување на состојбите во економијата и финансискиот систем, спроведувањето на економските политики и предизвиците во претстојниот период.

To top