Бизнис

Нискиот водостој на Дунав ги исклучува нуклеарките во Унгарија и Романија

Регионалните цени на струјата веќе растат

Дунав повеќе не е само река со екстремно низок водостој. Во последните денови тој се претвори во сериозен енергетски проблем за голем дел од Европа.

Романија ги исклучи двата реактори во нуклеарната централа Чернавода, Унгарија ја сведе „Пакш“ на околу десетина проценти од капацитетот, а нискиот водостој го намалува и производството на хидроцентралите долж реката. Последиците веќе се видливи на регионалните берзи, каде цените на електричната енергија повторно растат.

Што значи ова за Македонија и дали проблемот со водата во Дунав може да се одрази врз сметките за струја на граѓаните?

Унгарската нуклеарна централа „Пакш“, која покрива околу 40 отсто од производството на електрична енергија во земјата, моментално работи со само околу 240 мегавати наместо вообичаените два гигавати. Централата сè уште не е целосно исклучена. Унгарските власти соопштија дека минималното производство може да трае уште ден-два, но ако нивото на Дунав продолжи да опаѓа, целосното гасење ќе стане неизбежно. Тоа би било прво целосно исклучување на „Пакш“ во нејзината 44-годишна историја.

Причината не е недостаток на гориво или технички дефект, туку водата. Четирите реактори се ладат со вода од Дунав, која по долготрајната суша и топлотните бранови падна на ниво што не дозволува безбедно ладење.

Премиерот Петер Маѓар предупреди на критични денови и ги повика компаниите и граѓаните да ја намалат потрошувачката.

Во Романија ситуацијата е уште посериозна. Двата реактори во Чернавода (по 706 MW) се исклучени поради историски нискиот водостој. Ова е првпат двата реактори истовремено да престанат со работа поради недостиг на вода за ладење. Централата во нормални услови обезбедува околу една петтина од романската електрична енергија.

Нискиот водостој го погоди и хидроцентралите на Ѓердап, а дел од електраните во Централна Европа мораат да го намалат производството. Климатските услови истовремено ги погодуваат и нуклеарните, и хидро, и дел од термоелектраните.

Регионалните берзи веќе реагираат. На унгарската HUPX цената надмина 150 евра за MWh, а на македонската МЕМО беа забележани цени над 100 евра. Раст е регистриран и во Романија, Австрија, Бугарија, Хрватска и Германија.

Тоа не значи автоматско зголемување на сметките за домаќинствата, но значи дека секој увезеен мегават-час ќе биде поскап.

Во мај 2026 година Македонија произведе 462.653 MWh, покривајќи 96,5 отсто од потрошувачката. Сепак, производството силно варира во зависност од состојбата на блоковите во РЕК Битола, хидроакумулациите и други фактори.

Дополнителен товар претставуваат старите термокапацитети. РЕК Осломеј работи со минимални количества, блоковите во Битола се подложни на прекини, а ТЕЦ Неготино е скапа резерва што се вклучува само кога берзанските цени се екстремно високи.

Домаќинствата засега се заштитени преку регулираната цена, додека компаниите на слободниот пазар директно ги чувствуваат повисоките трошоци.

Сушата на Дунав не е далечен еколошки проблем – таа е тест за регионалниот енергетски систем и јасен сигнал за Македонија. Ако „Пакш“ и Чернавода останат исклучени, а хидропроизводството продолжи да паѓа, регионот ќе влезе во есента со помалку струја и значително поскапи мегавати.

Најнови вести од: Бизнис

Поскапите горива ја кочат европската економија, компаниите најавуваат нови поскапувања

Поскапувањето на енергенсите дополнително ја усложнува состојбата. Цената на нафтата „брент“ денеска достигна 114,10 долари за барел, највисоко ниво во последните пет месеци.

Западен Балкан треба да се гледа како единствен пазар, а не како шест одделни економии, вели Азески

Поголемата регионална поврзаност, според Азески, може да им овозможи на компаниите полесен пристап до поширок пазар, нови деловни партнерства и подобри услови за раст и извоз. Притоа, регионалната интеграција и постепеното приближување кон европскиот пазар треба да се третираат како поврзани процеси.

Коридорот 8 и Коридорот 10 носат економски напредок и политичка стабилност, вели Николоски

Стратешка политика на Владата е развој на овие два коридори, се обрати заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на панел дискусијата на тема “Стратешка сигурност и стабилност – ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност”, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.

Годишен раст од 9,2% на вкупните депозити и од 14,1% на вкупната кредитна поддршка во спетември

Според податоците на Народната банка, вкупните депозити на годишна основа се повисоки за 9,2%, при што зголемување бележат и депозитите на домаќинствата и на корпоративниот сектор.

To top