Колумни

И Крис ли не ви чини, бе?! – Пишува Роберт Димитриевски

„Крис Павловски не знае да збори македонски, а американската амбасадорка знае. Кој повеќе ја сака Македонија?“, прашува некој си „Владко од Виница“ на социјалната мрежа Икс. Прашање е колку знае да „збори“, наместо да зборува, македонски и твитерџијава со име во кое нема едначење по звучност по примерот на многу попознатиот Љубчо од Делчево, но […]

„Крис Павловски не знае да збори македонски, а американската амбасадорка знае. Кој повеќе ја сака Македонија?“, прашува некој си „Владко од Виница“ на социјалната мрежа Икс.

Прашање е колку знае да „збори“, наместо да зборува, македонски и твитерџијава со име во кое нема едначење по звучност по примерот на многу попознатиот Љубчо од Делчево, но овде не е тема познавањето на јазикот на мнозинството во државава од Владко. Вистинското прашање е колку тој и тие што му ја лајкнале објавата на некогашен Твитер ја сакаат Македонија, штом му забележуваат на сонародник роден во Канада со супер успешен бизнис во САД за „(не)зборењето“ македонски.

Ако тоа е врховен критериум за љубовта кон Македонија, тогаш колку ли (не) ја сакаат еден куп напикани во јавната администрација што не знаат да врзат два збора македонски, а земаат плата од овој народ, за разлика од основачот и сопственик на „Рамбл“. Да не зборуваме за сличен куп функционери што мака мачат токму на македонски да врзат две простопроширени реченици во една логична целина и притоа да не го утнат третосложниот акцент.

„Пуританците“ зад тастатурата најдоа да му се исмеваат на Павловски и за личното име (не било македонско), а во јавните настапи упорно ја именувал (само) Македонија родната земја на своите родители – едниот од Преспа, другиот од Мариово. Демек, бил „фејк“ патриот, со што (ин)директно ги омаловажуваат илјадниците Македонци во татковината и, најчесто, во прекуокеанските земји со англиканизирани имиња и македонски презимиња.

Го обвинија Крис и за антиквизација. За нивниот префинет вкус нападно било неговото обожавање на Александар Македонски и честото поврзување со Македонија на најголемиот војсководец и воен стратег во историјата. Постовите на Икс „Кога помислувам на Македонија, мислам на Александар Велики“, „Тукушто слетав во земјата на Александар Велики“ и фотографирањето до споменикот „воин на коњ“ во центарот на Скопје се смртните гревови што му ги припишуваат номиналниве Македонци што до пладне се мразат себеси, а попладне сè македонско. А најмногу успешни Македонци од дијаспората кои, згора на тоа, велат и дека ја обожаваат Македонија, како Крис.

Му најдоа мана на Павловски и за донираните „само“ еден милион денари за настраданите во Кочани. На тие пари се претргнал, велат тие со змија во џебот, кои милуваат да загледуваат во туѓиот, заборавајќи дека е важен гестот, а не сумата. Да спасиш и еден човек, си го спасил човештвото.

Помошта не се изразува само во пари, туку и со конкретни дела. Ако тоа не е отворањето подружница на „Рамбл“ во Македонија, донесувањето во земјава на најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп половина година пред тој да добие втор мандат и токму нив да ги именува на високи функции, како и организирањето на посетата на италијанските милијардери Џанкарло Девасини и Паоло Ардоино на самитот на „Македонија 2025“ пред неколку дена, тогаш што е?

Токму благодарејќи на Крис Павловски, како никогаш досега, Македонија има контакт со најблиското опкружување и лично со шефот на најмоќната држава во светот. И наместо да се цени и да се искористи тоа за добробитта на Македонија, загрижени македонци (намерно со мало „м“) фатиле да плукаат по највлијателниот Македонец на планетата во моментов?! Мери им го умот.

Најнови вести од: Колумни

Моќната одбрана на Анатол Франс на Македонците во 1903 – европско „бетонирање“ на идентитетот наспроти бугарско-грчките оспорувања (1)

„Во Македонија турските војници и чиновници масакрираат селани и ги силуваат нивните ќерки и жени. Овие злосторства, извршени за срам на Европа, мора да бидат казнети од Европа. Загрижени сме за судбината на Ерменците и Македонците, не затоа што се христијани, туку затоа што се човечки суштества. Како гаранција за нивното спасение и заради воспоставување сеопшт мир, бараме целосно спроведување на Берлинскиот договор во однос на Ерменија и Македонија. “ – истакнал францускиот писател Анатол Франс во својот знаменит говор, одржан на 18 март 1903 година во Париз на собир, заради поддршка на Ерменија и Македонија. Со тоа уште пред 123 години во срцето на Франција и Европа овој великан на интелектуална Франција едновремено изнесува и моќна потврда на идентитетот на македонскиот народ. Но искажува и заложба за македонска државност и политичка самостојност согласно со Берлинскиот договор од 1878 година, особено во однос на Бугарија и Грција – денешните најжестоки негатори на Македонија и Македонците. Денес се навршуваат 102 години од смртта на овој бележит Француз – бескомпромисен борец и за македонската вистина среде Европа. Оваа годишнина е соодветен повод за ново навраќање кон неговото промакедонско дело, со кое тој трајно заслужува посебно место во колективното паметење на македонскиот народ. Чествувањето на Анатол Франс е чествување и на самите нас како народ со своја самобитност и македонски идентитет.

Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и наводните на Самуил – огледало на бугарската политика кон Македонија, од добрососедство до историски ревизионизам!

Државната и политичката свест на Бугарија за 80 години се развиваше во негативна насока: од држава, која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, идентитет, држава, јазик и историја, до држава-членка на ЕУ, која денес во 2026 година практикува историски ревизионизам кон Македонија, стремежи да ја „прекрои“ нејзината автентична национална историја. Но и стремежи за бугаризирање на македонскиот идентитет и јазик. Официјална Софија денес прибегнува кон вета и блокади на македонската евроинтеграција во обид да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи. Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како столб на современата државност и идентитет на македонскиот народ. Toa сe двете клучни точки, кои Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Стратегијата не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ од минатите векови до денес.

Бугарите „јуришаат“ на „Самуил, владетелот на бугарската држава“, но за врвни светски научници тој е „македонски цар“ на „македонска држава“! (3)

Продолжуваат и денес, на 7 октомври 2026 посети и поклонувања на Бугари пред саркофагот со „посмртните останки на нивниот највелики бугарски владетел Самуил “ во Софија. Продолжува со тоа и и градењето на националниот идентитет, средновековната бугарска државност и на историјата на Бугарите на сметка на македонскиот идентитет и историја, на македонската државност, чиј еден од темелните столбови е и Самуил. Тој е споменат нималку случајно и во државотворниот „Манифест од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ“ од 2 август 1944 година.

Бугарија го „киднапира“ македонскиот цар Самоил, за да ги пополни „дупките“ во идентитетот на Бугарите и на својата средновековна државност!

Пропагандниот циркус на 3 октомври 2026 година кога македонската, европската и светската јавност гледаа во Софија масовни сцени со пренесувањето на „посмртните останки на бугарскиот цар Самоил во саканата татковина Бугарија“, на 6 октомври веќе задобива нови димензии: денешното поклонение пред наводните посмртни останки на средновековниот владетел претставува забрзување и кревање на највисоко рамниште на градењето на националниот идентитет и на историјата на Бугарите. Ова е длабоко и добро осмислена операција на идентитетски, историски и национален инженеринг, заснован врз масовно присвојување на идентитетски елементи на македонскиот народ и автентичната македонска историја. Градење преку крадење – од македонскиот за бугарскиот идентитет!

Остри реакции во Бугарија и Грција околу „спектаклот“ „Враќањето на бугарскиот цар Самуил во татковината“ (2)

Пропагандниот циркус „Враќањето на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил во татковината Бугарија“, кој без никакво сомневање има за цел да го поттикне создавањето на „заедничката историја на Македонија со Бугарија“, односно бугаризирањето на автентичната македонска национална историја, наидува на негативни и критички реакции токму во Бугарија и Грција – двете држави, кои го приредуваат овој „спектакл“ и „лошососедско“ политичко поигрување со сѐ уште научно непотврдените мошти – дали и навистина му припаѓаат на инаку македонскиот цар Самуил.

Пропагандниот циркус „Враќање на моштите на бугарскиот цар Самуил“ на Радев, Каракачанов, Јотова – пренасочување на вниманието на јавноста (1)

На 23 дена до одржувањето на изборите за нов претседател на Бугарија бугарските политичари, предводени од сѐ помалку популарниот премиер Румен Радев, организираат пропаганден циркус „Враќање на коските на бугарскиот владетел Самоил во татковината“. Во бугарската јавност и меѓу тамошни експерти ова наидува на тешка иронија, остри критики и коментари дека е „уште една бугарска трагикомедија“, „операција заради одвлекување на вниманието на гневната јавност и населението од економските неуспеси на владата и Радев лично“, но и како „предизборна пропаганда“ и „претстава за јавноста“ во екот на предизборната кампања спроти изборите за нов шеф на бугарската држава, закажани за 25 октомври 2026 година. Во бугарската јавност и на тамошните општествени мрежи веќе кружат негативни и зајадливи коментари во стилот „бугарскиот народ гладува и нема пари за леб и да плаќа сметки, а власта прави циркуси со коски“, „народот сака да купи месо без коски, а тие нам ни нудат коски, кои се за во музеј“ и „покрај коските, кога ќе му го земете и духот на Самоил, кога ќе го донесете и него во Бугарија“?!

Заветот на Анте Поповски до Македонците да ги зачуваат Македонија и македонскиoт јазик и неговите пораки до Европа

„Јазикот на еден народ е негов златен штит, негова татковина и најголема духовна вредност. Пеев уверен дека она што го пеам на ниеден друг јазик не може да се испее освен на јазикот на големата судбина на Македонците. Тие, чија адреса е запишана во Библијата, кријат некоја тајна за иднината на светот: зашто тие се сеќавање на свеста, на вековите кои одминале. Оган – кој не згаснува.“ – има напишано за македонскиот јазик и народ великиот поет на македонската кауза Анте Поповски. Тој почина на денешен ден, на 1 октомври 2003 година. Оваа 23-та годишнина од неговата смрт е соодветен повод за ново навраќање кон творештвото на овој волшебник на македонската поетска реч и кон неговите вонвременски пораки, кои еднакво силно одекнуваат и денес

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

To top