Колумни

Вредното предупредување на еврореалистот Милановиќ „Македонија да не трпи уцени и изнуди за членство“ од ЕУ, која стана „казан во кој врие“!

Пишува: Свето Тоевски „Државата не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ. Добивате многу совети, од вашите соседи, од меѓународната дипломатија, од ЕУ. Но не се сите тие совети паметни, ниту корисни за вас… Вие ќе одлучите што е важно за вас. Немојте да бидете жртва на некаква уцена, или изнудување […]

Пишува: Свето Тоевски

„Државата не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ. Добивате многу совети, од вашите соседи, од меѓународната дипломатија, од ЕУ. Но не се сите тие совети паметни, ниту корисни за вас… Вие ќе одлучите што е важно за вас. Немојте да бидете жртва на некаква уцена, или изнудување кога станува збор за вашето членството во ЕУ!“ – порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова. Во манир на коректен еврореалист Милановиќ ја кажа вистината во врска со актуелниот миг на така наречените „евроинтеграции“ на Македонија. Милановиќ најотворено го впери прстот кон официјален Брисел, кон „добрите соседи“ и кон меѓународната дипломатија, кои вршат уцени и изнуди, но авторот на овие редови ќе и дополни и ултиматуми и диктати, во замена за наводното членство во „долината во која течат мед и млеко“, наречена Европска унија.

Но, какви тонови се слушаат денес од Бугарија: најреалистичната и вистински пријателска сугестија од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ до Македонија да си ги гледа своите национални интереси и да не дозволува да биде уценувана на патот кон Европската унија наишла на критика во медиумите во Бугарија! Го обвинуваат Милановиќ дека се меша во бугарско-македонските односи?! А дали попрво Бугарија се меша и тоа навистина, безобѕирно и грубо дури во внатрешните работи на друга држава – Македонија, дозволувајќи си да ѝ наредува менување на уставот?!  

Задржувајќи сепак соодветна позиција на држава-членка на ЕУ, хрватскиот претседател Милановиќ на прес-конференцијата дополни: „Тука не мислам да полемизирам, ниту мислам на вашата соседна држава Бугарија. Тие имаат свои идеи како треба да изгледа тоа. Правилата се јасни, треба консензус, треба едногласност. Сѐ додека е некој против Македонија таа не може да напредува на тој пат. Дали е тоа за вас и вашите граѓани се уште најважната работа на овој свет, вредна во животот? Или има некои други работи, кои може државата да ја дефинираат како успешна и реализирана заедница? Но тука јас немам совет, тоа е ваша одлука.“

„ЕУ е убав и можен проект. Но веќе мораме да ја преиспитуваме секоја одлука, која доаѓа од Брисел и другите центри на моќ.“ – имаше изјавено Милановиќ на 24 април 2025 година, две седмици пред да дојде до Македонија. Шефот на Хрватска, на оваа нам пријателска и партнерска држава, во манир на достоинствен државник, кој, пред се, ги запазува хрватските државно-национални интереси, искажа совет, кој е од клучно значење за Македонија и за македонскиот народ, но и за сите други граѓани на Македонија: треба да се води политика, која поаѓа првично од македонските државно-национални интереси, во полза на сите граѓани. Дури потоа и ЕУ и се друго, ако е можно и што ќе биде можно.

Надоврзувајќи се на советот, поточно предупредувањето на Милановиќ дека „веќе мора да се  преиспитува секоја одлука, која доаѓа од Брисел“, авторот на овие редови се осврнува на состојбата во ЕУ. Европската унија се повеќе наликува на „зовриен казан“ во овој момент, во кој продолжува и натаму да се зголемува „температурата“, односно незадоволството од потезите, што ги влечат претседателката на Европската комисија Урсула Лаен, високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и одделни други еврофункционери. Швајцарскиот политички магазин „Велтвохе“ пишува дека „во европските дипломатски кругови се зборува сè повеќе оти  високи функционери на ЕУ ја сметаат Урсула фон дер Лаен како ‘токсична’, а нејзиното присуство во раководството на ЕУ како штетно’.

Низ европските држави во овој момент се потпишува и интернет-петиција против Урсула Лаен, со која се бара нејзина оставка. Досега има 113 илјади и 204 потписи на петицијата, која ја покрена „МеРА25“ – „Европскиот реалистичен фронт за непослушност“, левичарската грчка политичка партија на нејзиниот основач и генерален секретар Јанис Варуфакис, кој е поранешен пратеник на Сириза и грчки министер за финансии. „MeRa25“ е дел од „Движењето за демократија во Европа 2025“ („DiEM25).“

„Велтвохе“: „Рибата смрди од главата’, а главата на ЕУ е Урсула фон дер Лаен!“

„Рибата смрди од главата’, а главата на ЕУ е Урсула фон дер Лаен! Нејзината оставка би откочила многу работи.“ – нагласува новинарот Филип Гут во својата анализа со наслов „Токсична женственост на врвот на ЕУ: Урсула фон дер Лаен станува товар. Дипломатите бараат нејзино заминување“, која е објавена на 26 април 2025 година. Ги пренесуваме сознанијата и констатациите на Гут во оваа анализа, чија основна порака е дека забрзано се зголемува бројот на противниците на Урсула Лаен, кои сакаат да ја видат нејзината оставка на масата. „Политиката на ЕУ е во криза. Внатре во ЕУ се случуваат  неединство, поделба, постојано вознемирување на земја-членка како Унгарија, која инсистира на својот суверенитет и своите демократски права на учество. Рибата смрди, како што вели поговорката, од главата. А главата на ЕУ е олицетворена во претседателката на Комисијата Лаен!“– пишува Гут во „Велтвохе“.

Според него, „ЕУ е во жално лоша состојба“. „Во секоја нормална држава, прашањето би било дали раководството е сè уште вистинското. Но ЕУ не е држава, а секако не е нормална. Во дипломатските кругови во Брисел се вели дека високите функционери на ЕУ сè повеќе ја сметаат фон дер Лаен како ‘токсична’. Нејзината оставка може да откочи многу работи. Промената на врвот барем би ѝ дала шанса на европската политика да стане поразновидна и повторно отворена – кон Западот и Истокот.“ – заклучува Гуте во својата анализа.

Веќе има 113 илјади и 204 потписи на петицијата за оставка на Урсула Лаен, која се потпишува моментно на интернет и преку фејсбук и другите општествени мрежи низ Европа. Петицијата ја покрена „МеРА25“ („MeRa25) – „Европскиот реалистичен фронт за непослушност и радикални промени“, левичарската европска и грчка политичка партија на нејзиниот основач и генерален секретар Јанис Варуфакис, кој е поранешен пратеник на Сириза и грчки министер за финансии. „МеРА25“ е дел од „Движењето за демократија во Европа 2025“ („DiEM25).“

Во петицијата, упатена до Европскиот совет, Европскиот парламент и граѓаните на Европската Унија, се наведува дека „постапките на Урсула Лаен се неспојливи со принципите и законите на Европската Унија и поради тоа е потребна нејзина итна оставка“. „Лаен не ги почитува и не ги применува меѓународното право, ниту демократскиот мандат на земјите-членки на ЕУ. Таа нема соодветно етичко однесување, ниту потребна дипломатска разумност. Со оглед на ова покренувачите и потписниците на оваа петиција бараат нејзина итна оставка.“ – се изнесува во текстот на петицијата.

Нагласувајќи дека „Урсула Лаен го поткопува моралниот авторитет на ЕУ, презема проблематични активности и зазема едностран став, за што нема мандат“, во споменатата петиција се истакнува уште и следното: „Таа ги заобиколува институционалните процеси. Нејзините активности не само што го заобиколија Европскиот совет, туку и ја запоставија поделбата на властите во рамките на ЕУ, според која надворешната политика не ја одредува Европската Комисија.“

Покренувачите и потписниците на петицијата против Урсула фон дер Лаен на крајот порачуваат: „Како одговор на пречекорувањето на нејзините овластувања од страна на претседателката на Комисијата и непочитувањето на основните принципи на човековите права и на демократијата, ја повикуваме Урсула Лаен веднаш да поднесе оставка од својата позиција како претседател на Европската комисија. Ако таа одбие да го стори тоа, ја повикуваме германската влада да ја повлече од функцијата. Ги повикуваме граѓаните и институциите на ЕУ да се залагаат за вредностите, што нè поврзуваат како заедница и да се обидат да го вратат моралниот авторитет на Европската Унија на меѓународната сцена. Меѓународното право мора да важи за сите. Ако не се применува подеднакво насекаде, нема никаква вредност.“

Ќе потсетиме само на една од повеќето изјави на Урсула Лаен директно во врска со Македонија со директна форма на лобирање за интересите на Бугарија, а против интересите на Македонија, против македонскиот идентитет, јазик и историја. На пример на 24 октомври 2024 година Лаен кажа: „Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската, што С.Македонија ја презеде како суверена земја во секој дел од патот. Но, уставните промени треба да се разработат!“. Ова е целосно противречење на Урсула Лаен на самата себеси: ја нарекува „С.Македонија суверена земја“, а од друга страна ѝ наредува на таа иста суверена земја да менува свој устав, спротивно на сите соодветни резолуции на Организацијата на Обединетите нации, спротивно на сите норми и принципи на меѓународното право, спротивно и на самиот „Основачки, темелен акт“ на ЕУ, на „Договорот од Мастрихт“.

Ете потврда на ставот од петицијата против неа, која кружи низ Европа и се потпишува против Урсула Лаен, дека „таа не го почитува и не го применува меѓународното право, оти меѓународното право мора да важи за сите, а ако не се применува подеднакво насекаде, нема никаква вредност.“ Ете потврда на ставот во наведената петиција дека „претседателката на ЕУ го поткопува авторитетот на ЕУ“. Покренувачите и потписниците на петицијата предупредуваат дека „меѓународното право мора да важи за сите, но ако не се применува подеднакво насекаде, нема никаква вредност.“ Европската унија и Урсула Лаен со своите постапки  во врска со Македонија создаваат ситуација, во која меѓународното право нема никаква вредност.

Токму поради сево ова мора да се има предвид предупредувањето на умниот хрватски претседател Милановиќ до Македонија: дека таа како држава не треба да трпи никакви уцени и изнудувања, ниту ние да бидеме жртва, во замена за членството во ЕУ!

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ставови на која било политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум од Република Македонија)

Најнови вести од: Колумни

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Делото на Видоески наспрема „Бугарскиот договор“: дали е време во 2026 Македонија да постапи како Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949?! (2)

Грандиозното научно дело на дијалектологот Божидар Видоески не само што ги урива сегашните бугарско-грчки фалсификати и оспорувања на македонскиот јазично-идентитетски комплекс, туку и отвора сериозен простор за дилема: дали нема, или можеби и има право Република Македонија, согласно и со меѓународното право и неговиот врховен принцип „јус когенс“ да постапи денес со „Бугарскиот договор“ еднакво како што постапи Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949 година – како Бугарија согласно со нејзините „бугарски државни и национални интереси’, така и Македонија согласно со своите државно-национални интереси?! Зашто, великанот на македонската дијалектологија аргументирано докажа дека македонскиот јазик е столб на македонскиот идентитет и сиот свој живот го бранеше тој идентитетски столб, кој е денес загрозен со бугарските евроинтеграциски уцени и ултиматуми.

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на македонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за историјата на Античка Македонија со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. На 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

To top