Македонија

Највисоката нето плата била 139 илјади: Камбовски тврди дека нема судија со плата од 180.000 денари

Претседател на Судскиот совет

Судскиот совет прави проекции на буџетот за наредната година со планови за вработување и со ревизија на сите судови, вели претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

Разликата со буџетот за претходната година, додава тој, ќе биде во новите планирани вработувања, а капиталните инвестиции, како што се реновирањето судски згради или набавката на опрема, ги планираат секоја година.

Прашан како го коментира предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за тоа Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да изготват список што им треба од финансии и да го достават, Камбовски рече дека се согласува со премиерот дека треба да имаат план колку пари им се потребни.

– Апсолутно, мислам, се согласувам со премиерот. Ние треба да имаме буџет, па да знаеме што сакаме, за да може централниот буџет да ги одвои тие средствата што ни се потребни. И од неговите изјави јас подразбирам дека и тој е согласен на тој начин да продолжиме понатаму – изјави Камбовски.

Во буџетот за следната година, посочи Камбовски, се прават планови за вработување на минимум потребни луѓе што недостасуваат во судовите.

– Минатиов период имавме состаноци со сите судови во државата и се трудевме во планот за вработување да ставиме минимум човечки ресурси. Значи, не да се оди со некои максималистички барања, туку со минимум човечки ресурси во овој момент, за да можат судовите да функционираат на некоја минимум задоволителна основа. Разликата вопарите ќе дојде во плус за тие луѓе што би се вработиле, ако се 300 луѓе, значи за 300 луѓе плус бруто плата, а колку доаѓа точно, не можам да кажам – изјави Камбовски.

Во врска со изјавата на премиерот Мицкоски дека претседателите на судовите земаат плата по 180.000 денари, Камбовски вели дека нема таква плата во државата.

– Судија во основен суд со основна надлежност има нето-плата од 86.623 денари, судија во суд со проширена надлежност има 89.346 денари, а претседател на основен суд 99.112 денари. Тие се платите за основните судови. Судија во Врховниот суд зема плата 105.000 денари, претседателот 114.000 денари. Овие плати што ги кажувам се основните, а на овие плати има, нели, додавање на минат стаж – изјави Камбовски.

Просечните плати исплатени во 2024 година на судиите во Врховниот суд, каде што е вкалкулиран и минатиот стаж, се 197.000 денари просечна бруто-плата, односно, 128.000 денари просечна нето-плата, додаде претседателот на Судскиот совет.

– Највисока плата за 2024 година исплатена на судија во 2024 година изнесува 214.000 денари во бруто износ, а 139.738 денари во нето износ – изјави Камбовски.

На овие плати, Камбовски нагласи дека не се ставени додатоци за доверливост и за ризик при работа, зашто, како што рече, тие додатоци не ги земаат секој месец.

– Како што има пари во буџетот, така ги земаме. На пример, еден месец 5 отсто е додатокот, па 3 месеци нема, па ќе биде 7 посто, па пак 5 отсто, па 10 отсто. Меѓутоа тие не се примања коишто редовно ги примаат судиите – појасни Камбовски.

Прашан како стојат платите на судиите споредено со останатите земи, Камбовски вели дека ние заостануваме.

– Премиерот можеби е во право дека кога ќе споредиме со БДП, колкав процент од него се издвојува за судството, можеби е така. Меѓутоа за ние да ги достигнеме прво нашите соседни земји, секако дека треба да имаме поголеми издатоци, па кога се израмниме, тогаш ќе биде друга пресметка. Инаку ние заостануваме во поглед на соседните земји, а за Европска Унија веќе да не правам муабет – изјави Камбовски.

Најнови вести од: Македонија

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Милошоски: Македонија меѓу предводничките по постигнатите реформи во рамките на Реформската агенда од Планот за раст на ЕУ

Проценката на Европската комисија, ѝ дава за право на владејачката партија да упати апел до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, да не ги попречува законите кои се дел од обврските од Реформската агенда, меѓу кои и Изборниот законик, и да покаже прагматичност во интерес на државата

To top