Македонија

„Антибугарска хистерија“: Го распнаа Димитров во Бугарија за настапот на форумот „Делфи“

Однесувањето на Димитров е показател за моралниот и политичкиот колапс на македонската елита, заклучува БГНЕС во анализа

Бугарската агенција БГНЕС му посвети големо внимание на настапот на бившиот министер за надворешни работи Никола Димитров на форумот „Делфи“ во Грција, обвинувајќи го за антибугарска хистерија.

„Уште една антибугарска провокација дојде од Економскиот форум ‘Делфи’, каде што поранешниот министер за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, ја нападна Бугарија, иако беше еден од луѓето чии потписи се на документите од Договорот за добрососедство меѓу Софија и Скопјe“, пишува БГНЕС во долгометражниот осврт за репликата на Димитров на Бугарин од публиката на форумот, кој на Македонија ѝ порача дека сега немала друг избор освен да си го „голтне“ компромисот од 2022 година.

„Нема компромис, има пакет којшто не донесе решение. Компромис е решение кое двете земји ќе ги направи несреќни, кога едната страна е еуфорична и слави тоа не е компромис. Овде компромис нема. Прашањето не е решено. Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате? Знаете што рекол Черчил – колку и да мислите дека ви е добра стратегијата, не е лошо одвреме–навреме да си ги погледнете резултатите. А резултатите од вашата стратегија се тажни – најлоши односи меѓу двете земји што некогаш сме ги имале“, му одговори Димитров.

„Овие навидум емотивни зборови се уште еден доказ за длабоката антибугарска атмосфера што систематски се всадува во Северна Македонија. Наместо да зборува за исполнување на веќе преземените обврски, Димитров повторно ја префрла вината врз Софија и се обидува да ја претстави Бугарија како извор на проблемот пред нејзините европски сојузници“, коментира БГНЕС, потсетувајќи го Димитров дека токму тој со неговата тогашна бугарска колешка Екатерина Захариева го потпишаа Првиот протокол на 10 јуни 2019 година во Софија.

„Токму ова е суштината на проблемот. Потписот на Димитров под овој документ и контрадикторноста со неговата сегашна позиција многу јасно покажуваат дека, кога станува збор за антибугарската државна идеологија, нема разлика помеѓу власта и опозицијата во Северна Македонија. Додека се на власт, потпишуваат документи и се обврзуваат на хартија. Штом ќе си заминат од власт, зборуваат како ништо да не е договорено“, се вели во написот.

„Димитров ја носи главната вина за доведувањето во заблуда на тогашната македонска влада дека, благодарение на неговата блискост со Михаел Рот од германското Министерство за надворешни работи, Бугарија ќе прима шлаканици, а Македонија ќе продолжи непречено, без да ги исполни потпишаните договори.

Исто така, незаборавно е што за време на пандемијата на Ковид, Димитров буквално ги „скрши телефоните“ на бугарското Министерство за надворешни работи за Бугарија да ги прибере неговите блиски од Западна Европа. Благодарение на бугарските дипломати, над 18 илјади македонски граѓани се вратија во својата татковина“, се додава во текстот.

„Наместо исполнување на обврските, повторно се изнесува тезата дека Бугарија е „најголем непријател“. Овој пристап е чиста антибугарска хистерија, испорачана од говорницата на меѓународен форум. Однесувањето на Димитров е показател за моралниот и политичкиот колапс на македонскиот елита“, заклучува БГНЕС.

 

Најнови вести од: Македонија

Убава вест: Крај за договорите на дело во државните институции – работниците ќе добијат вработување на неопределено време

Лицата ангажирани со договор на дело и други видови договори во дел од јавниот сектор ќе добијат можност за вработување на неопределено време, со законско решение што предвидува фазна трансформација на нивните ангажмани.

„Н.М.“: За Македонија отворањето на Уставот не смее да биде приоритет! – Во овој опасен геополитички момент по диктат на Бугарија тоа е самоубиствено!

„Сега во овој опасен геополитички момент отворање прашања по диктат на Бугарија е опасно и самоубиствено. Приоритет треба да се внатрешните реформи, зајакнување на демократските капацитети на државата и создавање широк консензус за стратегиските прашања, за националниот интерес.“ – се нагласува во анализата со наслов „Проширувањето може да предизвика геополитички расцеп во Европа – каде тогаш ќе се (с)најде Македонија“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.

(Фото): Општина Карпош и Град Скопје во заедничка инспекциска акција

Во текот на акцијата се вршеа целосни и детални контроли во рамки на надлежностите на инспекциските служби. Во одредени случаи, беше побарана и теренска придружба од униформирани полициски службеници од ПС Карпош.

To top