На фонот на последните искри меѓу двата соседа по палењето две дипломатски возила на амбасадата на Бугарија во Скопје, бугарскиот европратеник Кристијан Вигенин смета дека можеби дошло време неговата земја да објави оти ќе организира референдум за членството на Македонија во Европската Унија.
„Сакаме да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија, но не можеме да дозволиме да влезе една држава која е непријателски настроена кон нас. Тие треба да ја придобијат Бугарија, бидејќи без гласот на Бугарија, Република Северна Македонија не може да стане членка на Европската Унија. Можеби е време да се промени пристапот и да се објави дека членството на Република Северна Македонија во ЕУ ќе биде предмет на референдум. Ова ќе ги принуди соседите да ја променат својата политика кон Бугарија, бидејќи ќе мора да им дадат аргументи на бугарските граѓани во корист на нивната кандидатура“, изјави за тамошното Радио Дарик членот на Европскиот парламент од Бугарската социјалистичка партија и поранешен министер за надворешни работи на Бугарија.