Германскиот канцелар Фридрих Мерц останува на предлогот Украина и земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, да добијат придружно членство во Европската Унија.
Мерц предупреди дека ЕУ ќе го изгуби кредибилитетот ако не ги исполни ветувањата за проширување дадени пред повеќе години.
„Веќе 13 години Европската Унија нема примено ниту една нова членка, иако на голем број европски држави им беше ветено членство“, изјави тој.
Тој посочи дека неговата иницијатива во Украина наишла на поделени реакции поради внатрешнополитички причини, но дека кај останатите европски лидери била позитивно прифатена.
Мерц нагласи дека ЕУ има две можности – или јасно да соопшти дека проширувањето повеќе не е можно, што би било најлошото решение, или постепено да го придвижува процесот преку конкретни чекори.
„Можете да го наречете поинаку, но ако го изгубиме кредибилитетот, губиме многу повеќе. Ќе ги изгубиме тие земји, а геополитички тоа би било најлошото нешто што може да ѝ се случи на Европа“, порача германскиот канцелар.
Тој призна дека процесот на пристапување останува сложен и дека нема да се одвива толку брзо колку што очекуваат некои кандидати, но истакна дека Унијата мора да остане доследна на ветувањата.
Предлогот, кој Мерц го испрати до лидерите на ЕУ во форма на нон-пејпер на 18 мај, предвидува забрзана интеграција преку воведување преодни статуси за земјите кандидати пред нивното полноправно членство.
Според документот, земјите од Западен Балкан и Молдавија би добиле статус на набљудувачи во институциите на ЕУ, како и привилегиран пристап до единствениот европски пазар уште пред формалното членство. За Украина се предлага статус на придружна членка.