Неколку стотини украински војници дезертирале откако биле испратени на воена обука во Германија, објави германскиот весник „Цајт“.
Според Министерството за внатрешни работи на Саксонија-Анхалт, само во таа покраина се регистрирани околу 80 случаи. Според „Цајт“, низ цела Германија се регистрирани неколку стотици.
Германското Министерство за одбрана потврди дека украинските војници „индивидуално се дистанцирале“ за време на обуката, но не го објави вкупниот број на случаи.
„Цајт“ разговарал со 10 украински регрути кои избегале од најмалку два германски воени полигони за обука оваа година. Според весникот, нивните мотиви се движеле од страв од одење на фронтот и желба да се вратат кај своите семејства, до конфликти и наводно насилно однесување од страна на претпоставените.
Еден од нив е 39-годишниот Володимир Шулгин, кој бил испратен на основна воена обука во Алтенграбово во Саксонија-Анхалт во февруари.
Шулгин изјави за „Цајт“ дека се скарал со украински подофицер за време на обуката. Според него, подофицерот го удрил во градите откако се разболел.
Откако побарал медицинска помош, Шулгин бил испратен во болницата Шарите во Берлин. По две недели во болницата, тој ја напуштил воената служба и побарал азил во Германија.
Шулгин претходно работел како наставник по пијано, пишувал поезија и организирал библиски предавања. Тој за „Цајт“ изјави дека никогаш не се сметал себеси за борец и дека немал желба да оди на фронтот.
Според „Цајт“, на украинската армија ѝ е сè потешко да пронајде мотивирани војници.
Во првите две години од европската програма за воена обука, Украина главно испраќала искусни и високо мотивирани војници во Германија. Подоцна, почнала да испраќа нови регрути, како што е Шулгин.
Според податоците од украинското Министерство за одбрана, цитирани од „Цајт“, околу 2 милиони мажи се кријат од мобилизација, а воените власти не знаат каде живеат или работат.
Весникот објави дека најмалку 60.000 војници дезертирале од украинската армија од февруари 2022 година. Повеќе од 250.000 воени лица се соочуваат со обвиненија за продолжено неовластено отсуство од своите единици.
Од 2022 година, повеќе од 29.000 украински војници добиле воена обука во Германија.